Од локалната самоуправа потенцираат дека ја разбираат и сочувствуваат со состојбата во која се наоѓаат вработените од АД ЕМО – Охрид и дека градоначалникот Никола Бакрачески во директни разговори со вработените , во неколку наврати е запознаен со состојбите и случувањата во ЕМО.

– Сите контакти и средби  со странски инвеститори, со владини претставници и економски промотори  на земјава во странство, градоначалникот Никола Бакрачески ги користи за  укажување и решавање на состојбата на оваа компанија иако  локалната самоуправа нема директни надлежности  за решавање на состојбите во ЕМО. Градоначалникот Никола Бакрачески и Општина Охрид , иако немаат надлежности,   силно се залагаат  да помогнат во што поскоро решавање на проблемите во  оваа фирма, велат од локалната самоуправа.

Оттаму, додаваат дека градоначалникот Бакрачески нема дадено ветување за ослободување  на  вработените  во АД ЕМО од плаќање на надоместоци кон Општина Охрид и јавните претпријатија.

– Тоа законски е неможно и неиздржано. Со вработените од ЕМО е разговарано единствено во насока на организирање состаноци со раководствата на јавните претпријатија  за изнаоѓање  најприфатливи начини за плаќање  на обврските, односно давање  помош во рамките на законот. Со цел да им се помогне на луѓето  од социјален ризик, Општина Охрид  имаше објавено  јавен повик за субвенционирање на дел од комуналните трошоци кон јавните претпријатија во износ од 600 денари на месечна основа, велат од локалната самоуправа.

Од локалната самоуправа потенцираат дека иако  нема директни надлежности и ингеренции, градоначалникот Никола Бакрачески и понатака посветено ќе работи на решавање на проблемите  со кои се соочуваат вработените во АД ЕМО – Охрид.

OhridNews