Општина Охрид преку својата служба за информирање реагира на обвинувањата изнесени на  последниот прес на ОК на ВМРО ДПМНЕ, според која заминувањето на службен пат во Австралија на градоначалникот Александар Петрески во моменти кога градот се соочува со опасност поради надојденото езеро, претставува неодговорен чин.

– Кога се повикуваат на одговорноста, ги потсетуваме дека токму градоначалникот Петрески, упорно изминатиов период во најкритичните моменти ја повикуваше централната власт сериозно да се зафати со работа и да му помогне на Охрид и охриѓани. Дотогаш, локалната самоуправа и  нејзините служби и јавни претпријатија, самостојно се справуваа со природната стихија, а централните власти убедуваа дека нема опасност. Додека не им се случи Луково.Што се однесува до моралот и критериумите, тука ги прашуваме најнапред тие да одговорат по кои критериуми ВМРО ДПМНЕ ги бира своите раководители, директори и министри кои раководат со државните институции? Критериумите на градоначалникот Петрески ги одобрија граѓаните на Охрид на  два последователни изборни циклуси-се вели во реакцијата на локалната самоуправа.

Оттаму објаснуваат дека посетата на општинската делегација на Австралија била подолго планирана и е во функција на привлекување на нашите иселеници за вложување во Охрид.

– Општина Охрид си има служби кои професионално си ја вршат работата и без присуство на градоначалникот и одговараат на поставените задачи во однос на актуелната ситуација, што беше покажано на денешната средба на Координативното тело за превенција од непогоди, стои меѓу другото во реакцијата на локалната самоуправа.

OhridNews