Ниту денешната седница на Советот на град Охрид не мина без меѓупартиски обвинувања за состојбите во оптшината, префрлање на одговорност од централна на локална власт и политиканство.

Копјата започнаа да се кршат околу реализацијата на буџетот кој наиде на бројни критики од опозицијата. Дискусијата за конкретни прашања се претвори во политичко надмудрување, а не изостанаа забелешките за грижата и негрижата за градот на локалната и централната власт.


Меѓу пожестоките вербални пресметки беше таа на советниците Дејан Пановски од ВМРО ДПМНЕ и Томислав Тунтев од СДСМ. Првиот забележа дека Советот не е место каде што треба да се дискутира за работата на Владата чиј однос кон општината беше критикуван од говорницата. Тој искажа забелешки на работата на локалната самоуправа и нарушениот имиџ на градот и предложи  општината повеќе да ги почитува конзервативните вредности.

Левицата ги застапува социјалдемократските вредности иако вие некогаш сте полеви, возврати Тунтев, кој низ пример објасни кој водел поголема грижа за градот. Владата со буџет од 2,5 милијарди евра за развој и промоција на туризмот преку националната Агенција има предвидено 250 000 евра, додека Општина Охрид со буџет од 9 милиони евра за истата намена издвои 500 000 евра, подвлече Тунтев.


Нивната дискусија ја прекина советникот Пател, кој забележа дека таквите расправии се непродуктивни и ја дефокусираат расправата од суштинските проблеми на граѓаните кои треба да ги решава Советот и побара од претседавачот Јаковчески  во иднина да не дозволува дебати кои не се поврзани со точките на дневен ред, по што уследи  опомена од негова страна до советниците.

На дневен ред на денешната седница на Советот има вкупно 71 точка.

OhridNews