Толкувањето на законското решение за замрзнување на долговите на јавните претпријатија како „голем подарок“ за граѓаните на Охрид од страна на Владата на ВМРО-ДПНЕ е доказ за достигнатиот врв на нивната хипокризија, сметаат од општината Охрид, која денеска преку соопштение реагира на јавно изнесените ставови на владејачката партија. Во соопштението меѓу другото стои:

„Вистината е таа дека двете општински јавни претпријатија имаат долгови заради неможноста да ги наплатат своите милионски побарувања од фирмите, подрачните единици и институциите кои се токму под капата на Владата на ДПМНЕ. Значи она што државата го должи во милионски суми на ЈП „Охридски Комуналец“ и „Проаква“ се крие под тепихот за да се прикаже дека Владата мислела на охридските јавни претпријатија и нивните вработени. Ако вмровската Влада мисли на граѓаните на Охрид, нека си ги плаќа сметките за струјата што ја троши колекторскиот систем  за заштита на Езерото а токму тоа е законска должност на државата! Неисполнувањето на нејзините законски обврски и надлежности, се прикажуваат редовно како долг на општинското јавно претпријатие, па за да биде комедијата поголема, сега охридскиот огранок на ДПМНЕ се фали дека одлагањето е подарок.  Вистината е и таа дека во својата стратешка определба да го опструира Охрид во децентрализацијата, Владата на  ДПМНЕ да можеше, ќе го изземеше Охрид од спомнатиот Закон. Доволен доказ за таквиот третман и однос кон Охрид од страна на Владата на ВМРО-ДПМНЕ е фактот дека само Охрид од поголемите урбани средини во Македонија е оставен во првата фаза на децентрализција, заедно со десеттина рурални општини“ се вели во соопштението.

Според Општина Охрид споменатиот закон е донесен за да се спасат јавните претпријатија во 99 отсто општини во Македонија кои се под капата на ВМРО ДПМНЕ, кои, како што се наведува во соопштението, имаат астрономски долгови.

Ohridnews