Општина Дебрца достави известување за намера за изведување на проектот и утврдување на потребата од оцена на влијанието на проектот врз животната средина. Станува забор за проектот „Реставрација на река Сатеска и пренасочување во нејзиното природно речно корито“.

Со проектот се предвидува реставрирање на природното речно корито на река Сатеска со цел да се пренасочи најчесто повторуваниот проток од 15m³/s во нејзиното природно корито што се влева во Црн Дрим, како и заштита и намалување на таложењето на наносот во речното корито со предвидување на антиерозивни мерки и таложник за собирање на наносот, велат од општина Дебрца.

Проектот зафаќа потег во должина од околу 8 км кој се протега дел во општина Дебрца и дел на територија на општина Струга. Надлежен орган за донесување на одлуката е Министерството за животна средина и просторно планирање.

Реката Сатеска е еден од најголемите загадувачи на Охридското Езеро, каде се влеваат големи количини нанос и отпад. Според истражувањата на Хидробиолошкиот институт Охрид, влијанијата на каналот на Сатеска на Охридското езеро, од 1961 година наваму се бројни и многу значајни: најголем извор на принос на суспендирани материи во езерото, најзначаен извор на вкупен фосфор, голем извор на вкупен азот.

Со внесување на реката Сатеска во Охридското Езеро, значително се влошува квалитетот на водите во езерото. Исталожените количини на нанос во изминатите 60-тина години извршиле деструкција на живеалиштата од северниот дел на Охридското Езеро при што се доведува во прашање опстанокот на некои ендемични видови кои живееле или сè уште живеат тука. Наносот се таложи во 4-5 км од брегот кон југ, а по влевањето се шири и по 1 до 1.5 км лево и десно од устието, се наведува во Известувањето за намера за спроведување на проектот. 

 

OhridNews