325-те партиски лица кои со сомнителни договори за вработување СДСМ -Охрид преку ноќ ги вработи во општина Охрид и зголемувањето на бројот на вработени од 52 –ца на 275 лица се доволна потврда дека партизирана локална администрација во Охрид кроеше токму СДСМ, реагираат од локалната самоуправа во врска со денес изнесените обвинувања од општинската СДСМ за партизирани вработувања во локалната самоуправа.
– Ние во целост се разликуваме од нив и секогаш при носењето на одлуките се раководиме исклучиво од личните компетенции и постигнувања на лицата кои треба да бидат ангажирани во општина Охрид. Општина Охрид аплицираше со проект WATER.NET којшто проект беше добиен преку ИПА програмата за прекугранична соработка меѓу Р. Македонија и Р. Грција. Во оваа почетна фаза од имплементација на проектот потребно е да бидат ангажирани лица како надворешни соработници кои ќе го спроведуваат проектот и чиишто хонорари се пресметани во трошоците на самиот проект. Подвлекуваме дека транспарентно беше објавен јавен повик со точно утврдени критериуми согласно правилата на Европска Комисија и насоките на Делегацијата на ЕУ во РМ. Еден од основните критериуми на јавно објавениот повик беше покрај степенот на образование, лицето да има претходно работно искуство на позиција проектен менаџер во имплементација на проекти од исти или слични програми, наведуваат од локалната самоуправа.
Оттаму додаваат дека со пријавените кандидати кои ги исполнувале критериумите од јавниот оглас се спровело интервју по што Комисијата доставила на верификација кај Градоначалникот,имиња на лица за кои сметала дека ги исполнуваат сите критериуми предвидени во огласот задоволувајќи го главниот услов за потребно искуство за работа со Европски проекти.
– Градоначалникот Бакрачески се уште не донел одлука со која ќе ја верифицира одлуката на комисијата. Тоа значи дека во општина Охрид се уште не е извршен избор на надворешни соработници по однос на проектот WATER.NET, а уште помалку да се случило работно ангажирање на лица во рамки на општинската администрација што практично е невозможно. Но без оглед каква ќе биде одлуката на градоначалникот Бакрачески по однос на овој оглас тој со своето работење во изминатите две и пол години покажа и докажа дека при носењето на одлуките исклучиво се води согласно пропишаната законска регулатива, притоа сериозно посветувајќи внимание на личноста и нејзините лични капацитети да одговори на потребните ангажмани во рамки на општина Охрид, велат од локалната самоуправа.
Во реакцијата се потенцира дека за разлика од СДСМ- Охрид, која вработувала најчесто лица од матичната партија , сегашната локална власт работно ангажира лица кои се стручни, компетентни и можат да допринесат во креирањето на подобра иднина за Охрид.
OhridNews