Интервенции, сообраќајни незгоди, тепачки… Итните интервенции се секојдневие 24/7 ова лето за вработените во Општата болница Охрид, која освен што е регионален ковид центар, во екот на туристичката сезона работи и како своевиден Ургентен центар.
Благодарение на добрата организација, медицинските тимови засега одговараат на сите предизвици, а на помош им пристигаат и колеги од терцијалното здравство кои за време на летниот одмор пристигнуваат во Охрид.
Така беше и при последниот немил настан, што се случи вчера час и половина по полноќ на регионалниот пат Охрид – Св. Наум кај крстосницата за комплексот „Инекс“. Во судар на три возила сериодно повредени беа повеќе лица, а едно, за жал ја загуби битката за живот.
Од сообраќајната незгода која се случи на ден 16.08.2020 год. во 1 и 30 часот во Охрид, во ЈЗУ Општа болница Охрид беа примени тројца пациенти со тешки форми на политраума. Сите тројца пациенти за лекување беа хоспитализирани на одделението за анестезија реанимација и интензивно лекување од страна на дежурниот анестезиолог и началник на одделот Др. Марина Грозданоска при што одма е мобилизиран целокупниот кадар на ЈЗУ Општа болница Охрид, комплетен хируршки тим предводен од дежурниот доктор и началник на одделението за хирургија Др.Милчо Стефаноски како и комплетен состав на одделот за рентгенологија предводен од дежурниот рентгенолог Др.Софка Маленко каде се правени сите дијагностички процедури. Сите тројца беа поставени на респираторни машини. Мобилизиран беше целокупниот сестрински кадар од оделот за анестезија и реанимација и интензивно лекување предводен од главната медицинска сестра Менче Цветкоска. Во реанимација учествуваше и директорката на Клиника за анестезија и реанимација и интензивно лекување Доц.Др. Маја Мојсова која во моментот се наоѓаше во Охрид. – информираат од Општата болница Охрид.
Од тројцата пациенти, двајца пациенти по почетна стабилизација биле испратени со транспортни респиратори и екипа од Општа болница Охрид во Клиника за анестезија реанимација и интензивно лекување Скопје каде се и примени за понатамошно лекување. Едниот пациент поради исклучително тешка состојба починал околу 6 часа по приемот.
OhridNews