Владата на Никола Груевски, продолжува со принципот „кој не е со нас, треба да се уништи“, прави ненадоместлива штета врз демократските процеси во Македонија и создава досега незапаметена пракса на брутална пресметка со политичките неистомисленици.

Ова го истакнаа политичките партии од Опозицискиот фронт по вчерашната заедничка средба  која беше одржана на барање на Партијата за европска иднина (ПЕИ).

Тие се согласија дека сите оние кои не се истомисленици со Власта се затвораат, тука го посочија апсењето на Љубе Бошковски, згаснувањето на А1 телевизија и трите весника,  лустрацијата против директорот на Институт отворено општество, Владимир Милчин и рушењето на објектот “Космос“, сопственост на претседателот ПЕИ и пратеник од опозицијата, Фијат Цановски.

„Никола Груевски, наместо да ги поправи своите политики, наместо да сфати дека на последните избори огромен број на граѓани гласаа токму против ваквата политика на поделби, сеење страв, омраза, апсења и закани, реши да го продлабочи постоечкиот општествен јаз во Македонија“, се вели во соопштението од опозицискиот фронт.

Тие најостро се спротивставуваат на политички пресметки од страна на власта и злоупотребата на институциите за политичка елиминација и истакнаа дека, доколку не се смени оваа пракса ќе ги употребат сите расположливи средства за политичка битка и демонстрирање на граѓански отпор.

На ова реагираа ВМРО-ДПМНЕ при што го прашуваат опозицискиот фронт дали државата треба да ги дозволи кривичните дела што ги прават штитеници на опозицијата.

„Точно е, ние правиме поделба, но исклучиво поделба на луѓе кои го почитуваат и не го почитуваат законот и не чуди како дури два месеци после изборите, не разбирате дека вашите политики беа поразени и заради тоа вашиот денешен состанок се вика состанок на т.н. опозициски фронт, а не седница на Влада“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

OhridNews
извор:„Макфакс“