-Оваа средба со граѓаните е во рамките на активностите на опозицискиот фронт, со цел да се дефинираат моменталните состојби и проблеми во државата, за подобро да се организира опозиционата борба во заедничките настапи против оваа власт, која што дефинитивно го има изгубено својот компас. – изјави Ѓорѓи Оровчанец. Тој објасни дека ваквите средби со граѓаните не се во функција на предвремени избори, туку повеќе се во функција на разбивање на стравот, заложништвото и должништвото кај граѓаните, со цел истите да остварат свој рамноправен статус во општеството.
Дека опозицијата не се подготвува за предвермени избори изјави и претседателот на Либералната партија Стојан Андов
-Јас во моментов, не верувам во предвремени избори, мислам дека дојде еден период во владеењето на Груевски, кога народот и партиите почуствуваа дека треба малку посериозно да ги усогласат оценките за власта заедно. Значи овие трибини се со цел да ги презентираме нашите оценки за различни проблеми во државата, а од граѓаните очекуваме да се согласат со нив или да ги надополнат. Ќе продолжиме со овие средби со граѓаните интезивно, затоа што мислиме дека оваа политика, што се остварува сега во државата е многу далеку од тоа што го ветуваше ВМРО-ДПМНЕ пред да дојде на власт.-изјави Андов.
Од најголемата опозициона партија и лидерот на Опозицискиот фронт, СДСМ, уште еднаш потенцираа дека во моментов иако не очекуваат избори, се наоѓаат во добра кондиција и дека во секое време се спремни за победа.
-Ние сме на терен, меѓу народот и членството, уште од самото конституирање на новото раководство. СДСМ е горд што може да каже дека само за 8 месеци има регистрирано 6500 нови членови. Целата работа на СДСМ и на опозицијата оди на добро, но дали ќе има избори или не, тоа не зависи од нас . Можам да кажам дека СДСМ е спремен да учествува на избори и е спремен да победи на избори кога и да се одржат.-изјави Андреј Петров, генерален секретар на СДСМ.
Платформата за заедничко опозициско дејствување, на Опозицискиот фронт ја имаат потпишано лидерите на СДСМ, НСДП, ЛП, Нова алтернатива, Партија на слободни демократи, Движење за национално единство на Турците, Демократскиот сојуз на Власите, Сојузот на титови леви сили, Партијата на пезионери, Граѓанско-либералната партија, Зелена партија и Прогресивна партија.