Ништо од она што е најавувано од проектите во програмата со која актуелната власт ги освои гласовите на граѓаните не е остварено, вели координаторот на советничката група на СДСМ, Јован Стојаноски коментирајќи го денес дадениот отчет на градоначалникот Никола Бакрачески за сработеното во изминатите две години.
Како пример Стојаноски ги наведува долго најавуваните проекти- автобуската станица, затворениот пазар за кој напоменува дека е завршена одредена постапка меѓутоа не се започнати градежни активности.
– Немаме ништо од таа долго најавувана индустриска зона, освен неколку цртежи. Нема никакви инвеститори. Градоначалникот во својот отчет рече дека се дојдени два крупни гиганти во автомобилската индустрија, ОДВ Електрик и уште една, кои ниту претставуваат некакви гиганти ниту пак имаме некакви масовни вработувања во Охрид, вели Стојаноски.
Околу најавата на револуционерни активности кои ќе се случат во Охрид, Стојаноски смета дека е дегутантно постојано да се најавуваат активности во идно време.
– Ќе биде ова, ќе биде она, а гледаме дека ништо не се случува. Две години поминаа, а нема никакви капитални остварувања, а сега за наредните две години се најавуваат револуционерни дела. Жално е што во Охрид се случуваат тектонски пореметувања и демографски но и економски што се резултат на овие празни ветувања. Како граѓанин сакам се да се оствари и да има богат живот во градот, но не верувам во сето ова што беше кажано, потенцира Стојаноски.
Коментирајќи околу долгот на општината, Стојаноски со став дека локалната самоуправа нема способна администрација која ќе генерира приходи кои ќе значат развој на градот.
– Од како дојде овој градоначалник и оваа локална власт за жал нема никаква подршка од централната власт, а се работи за исти политички партии. Приходите се намалени од 460 милиони денари на 280 милиони денари. За какво добро работење станува збор? , коментира Стојаноски.
Тој потенцира дека јавните претпријатија и понатаму работаат со лоши финансиски резултати и безидејно, со исклучок на мал дел, зачмаени се и генерираат негативни резултати.
OhridNews