Градските советници од опозицијата со барање да се одржи вонредна седница на советот на која заедно би се донела одлука за понатамошната судбина на Мостот на желбите, а на која би се дискутирало и околу најавената изградба на нова пешачка патека. Како што тие велат вчерашните случувања по добивањето на решението за уривање на мостот се несфатливи.

За нас е сосема неразбирлива одлуката на општинската власт на средина од ионака лошата туристичка сезона да се носи одлука за уривање на мостот. Кон подобра сезона придонесува токму мостот кој со години е вистинска атракција и го користат не само жителите на Канео, туку и голем број од гостите. Нека се закаже дебата во советот и сите заедно да донесеме одлука во кој правец понатаму ќе се одвиваат активностите околу уривањето и градењето на нова патека, вели советникот Јован Стојаноски од СДСМ.

Советниците од опозицијата додаваат дека доколку движењето по мостот е опасно поради одрони, тогаш нека се преземат активности за заштита на мостот.  

Како може толку години да опстојува нешто што се третира како дивоградба и е надвор од план. Мостот го оправда своето постоење. Преземањето на активности во тек на сезона има негативен исход. Овој мост е од животно значење за граѓаните , има луѓе кои се постари и кои велат дека по поставувањето на мостот за прв пат го виделе Канео. Без да го политизираме настанот, во интерес на граѓаните и гостите, како опозиција цврсто стоиме на ставот дека овој циркус е недозволив.Охрид не смее да стане роб на никакви освети или политички борби, вели советникот Дејан Блажевски од ЛДП .

Во однос на проектот за изградба на нова патека советниците додаваат дека  секогаш би подржале одлука која е во интерес на граѓаните, но откако за проектот ќе се изјаснат екологистите, експертите, граѓаните.

На последниот состанок на градските татковци, кога имаше поделени мислења околу изградбата на нова патека, градоначалникот вети дека ќе се изврши анкетирање на јавното мислење на граѓаните и стручната јавност. Би сакала да го повикам пред да се пристапи кон градењето да ни се презентира проектот и да го чуеме јавното мислење, рече советничката од НСДП Верица Хајба која смета дека на Охрид му требаат нови пешачки патеки, но според неа поприоритетна е изградба на патека која ќе го поврзи Лабино со Воска и Далјан.

Советничката Жаклина Лазаревска потенцирајќи го значењето на Мостот на желбите, ги повика надлежните да ги запрашаат жителите на Канео колкав е протокот на гости кон населбата по градењето на мостот. Додаде дека доколку постоела добра волја кај локалната власт мостот кој е од општ интерес, иако е дивоградба, можел да се легализира како што претходно се извршила легализација на голем број дивоизградени објекти.

Т.К.