Низа реакции, прашања и сомнежи изнесоа денеска опозициските советници во Советот на општина Охрид во врска со објектите на Плаошник, кои се градат во рамки на проектот за возобновување на Светиклиментовиот Универзитет. Најголемиот дел од дикусијата беше посветена на тоа дали била потребна реализацијата на овој проект и колку овој проект може да влијае на статусот на Охрид во УНЕСКО.

Координаторот на советничката група на СДСМ Јован Стојаноски рече дека Владата на Република Македонија уште во 2010 година донела Закон за управување со природното и културното богатство во Охридскиот регион, а воопшто не постапила по тој закон.

-Не е формирана ниту комисија која ќе управува со природното и културното богатство, не е донесен ниту план за управување и затоа ние во овој момент имаме една страшно конфузна ситуација. Токму затоа како опозиција ги поставивме прашањата за Плаошник, рече Стојаноски.

Советникот на ЛДП Дејан Блажески истакна дека во информациите кои денеска ги добиле од надлажните не се опфатени сите аспекти.

-Освен крајно политичко експозе не видовме никаква информација за тоа што станува со Плаошник и како тоа ќе се одрази на Охрид. Повторно останувам на прашањето кој гради на Плаошник, од аспект на тоа дека Охрид никако не смее да си дозволи да го изгуби својот автентичен лик, а ние како нормативна власт треба да продолжиме да го чуваме, рече Блажески.

Директорката на Завод и Музеј Тања Паскали Бунташеска која оговори на голем дел од прашањата на советниците, истакна дека она што се гради на Плаошник нема да ја наруши автентичноста, ниту силуетата, ниту визурата на локалитетот.

-На Плаошник се  направени опсежни археолошки истражувања. Истражена е целата површина, сите слоеви. Формиран е одбор којшто направил проектна програма, изработени се проекти по сите законски прописи, со донесување одлука, со усвојување на локална урбанистичка документација, со изработка на проекти врз таа документација, со добивање конзерваторско одобрение како и со добивање одобрение за градење. И денес она што се работи, се работи врз основа на законот, рече Паскали-Бунташеска.

Таа единствено не даде прецизен одгoвор на прашањето колку ќе чини рализацијата на целокупниот проект.

-Не можам да кажам колку ќе чини комплетната финансова конструкција бидејќи финансиите ги работи Министерството за култура. Морам да нагласам дека сеуште се работат проектите за ентериер на обејктите и не се направени потребните премери, објасни Бунташеска, најавувајќи дека во текот на септември и октомври годинава ќе бидат распишани тендерите за изработка на финалните фази од проектот.

Градоначалникот Никола Бакрачески во своето обраќање пред советниците рече дека дел од дискусиите во врска со објектите на Плаошник немале основа бидејќи Локалната урбанистичко планска документација за Плаошник била донесена од страна на претходниот советнички состав на општина Охрид.

OhridNews