За опозициските советници договорот за Јавно приватно партнерство со чешката фирма „ИСЦ-Системи“, која во наредните 15 години ќе стопанисува со јавното осветлување, не е во полза на општина Охрид.

Координаторот на советничката група на СДСМ Јован Стојаноски смета дека средствата за модернизирање на јавното осветлување требало да ги обезбеди Владата на Република Македонија.

-Таа инвестиција чини 3,5 милиони евра. Тука ја согледуваме хипокризијата на Владата на ВМРО ДПМНЕ којашто вели дека вложува во општина Охрид и Македонија. Физибилити студијата покажува дека доколку Владата вложи 3,5 милиони евра во општина Охрид и јавното осветлување, да нема приватен партенер, за 15 години со сите заштеди, дури и со намалена цена на електричната енергија која би ја плаќале граѓаните на Охрид, целокупната инвестиција би била вратена и плус ќе се заработат дополнителни 5 милиони евра. Хипокризијата токму тука ја согледуваме, 3,5 милиони евра не се воопшто проблем Владата да ги одвои ако веќе општина Охрид ги нема. Зошто на приватен партнер од Чешка да му даваме да стопанисува и да заработи чисти пет милиони евра и да си ги поврати своите инвестиции, кога сето тоа можеше да го направи Република Македонија, изјави Стојаноски.

Тој истакна дека општина Охрид за овој проект можела да аплицира пред било која банка и да добие 3,5 милиони евра.

-Градоначалникот ниту се обиде да ја анимира Владата да вложи ниту да најде начин да аплицира кај деловните банки или кај одредени фондови, за добивање на овие 3,5 милиони евра, за да може сите пари да бидат и повратени и да се намалат издатоците што граѓаните ги плаќаат за јавно осветлување и на крајот на краиштата општина Охрид да добие пофункционален систем на јавно осветлување, рече Стојаноски.

Според него жално е што не се размислува економски и на ваков начин се раскрчмува имотот на општина Охрид.

OhridNews