Опозициската СДСМ на прес конференција што се одржа во хотелот „Ривиера“ во Охрид, објави нов, 21-ви сет прислушкувани разговори, кои во најголем дел се однесуваат на локаланите избори 2013 и случувањата околу нив. Разговорите ги презентираше претседателот на општинската организација на СДСМ Томислав Тунтев. Тој истакна дека од разговорите се слуша како власта врши злоупотреби и ги става во функција на политиката институциите и полицијата и прави притисоци во Охрид со цел да ги добие изборите.
Првиот сет од два разговори, рече Тунтев, се однесува на злоупотреба на медиумите за дискредитација на директор на училиште од Охрид.
–Ќе слушнете како власта си поигрува со човечки судбини, како се прават местаенки и нарачки во провладините медиуми невин човек да биде јавно оцрнет и понижен.-рече Тунтев.
Во вториот сет беа емитувани три разговори кои се однесуваат на Студенчишко блато кои, како што рече Тунтев, ги откриваат намерите на власта да го присвои атрактивното земјиште.
-Jавноста ќе слушне зошто градската власт на Никола Бакрачески не е заинтересирана за заштита на Студенчишкото блато, зошто е значително намален појасот од блатото што треба да е строго заштитен и како се игнорира нашето природно наследство за сметка на личните интереси.– истакна Тунтев.
Третиот сет од 11 разговори, посочи Тунтев, се однесуваат на злоупотребата на полицијата во функција на изборите.
– Овие разговори го потврдуваат изборниот криминал на ВМРО ДПМНЕ во Охрид. За време на локалните избори 2013 година сите државни институции биле злоупотребени за партиските интереси на ВМРО ДПМНЕ. МВР и полицијата спротивно на законските обврски се ставиле на располагање по секоја цена да се освои Охрид, дури биле ангажирани и параполициски структури.-рече Тунтев.
Претседателот на ОО СДСМ прочита и неколку смс пораки помеѓу министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и Мартин Протуѓер, кои исто така се однесуваа на изборниот процес во Охрид.
Последниот сет од два разговори беа поврзани со приведувањето на поранешниот градоначалник Александар Петрески.
-Од разговорите директно може да се заклучи како власта планира да го затвори поранешниот градоначалник на Охрид.-рече Тунтев.
Претседателот на охридските социјалдемократи најави дека проектот „Вистината за Македонија“ ќе продолжи се со цел, како што рече, никогаш повеќе да не се случуваат вакви работи во државата.
Опозицијата попладнево во Охрид ќе одржи протестен марш на кој ќе учествува лидерот на СДСМ Зоран Заев
Извор СДСМ
OhridNews