– Додека Ванчо Михајлов, чија восочна фигура денес ќе ја ставаат во музеј, се криеше во Рим и шуруваше со Мусолини, со Хитлер и со Анте Павелиќ, овде во Македонија вистинските херои и патриоти гинеа за слободата на својот народ-рече Црвенковски, обвинувајќи го премиерот Груевски дека со политички инженеринг го менува идентитетот на нацијата.
Црвенковски во својот говор го обвини премиерот Груевски и за лошата економска состојба во државата, истакнувајќи дека денес Макдонија е држава со највисока стапка на невработеност и сиромаштија во Европа и земја со најниско ниво на странски инвестиции. Лидерот на опозиционата СДСМ рече дека власта ниту сака ниту може да ја внесе Македонија во НАТО и ЕУ и дека при тоа не нуди алтернатива за развој на државата.
Црвенковски на собирот во Прилеп јавно ги отфрли шпекулациите за негово повлекување од политиката, посочувајќи дека тоа нема да се случи додека не ја исполни целта.
– Јас Бранко Црвенковски не се повлекувам ниту од СДСМ ниту од политика додека оваа работа што заедно ја почнав со вас не заврши, рече претседателот на СДСМ.
На народниот собир во Прилеп што се одржа по дождливо и студено време присуствуваа повеќе илјади граѓани од сите краеви на државата, меѓу кои и од Охрид.