СДСМ денеска до Основното јавно обвинителство поднесе проширување на кривичната пријава, што претходно беше поднесена за кривичното дело неовластено прислушување и тонско снимање.
-Станува збор за прислушување на луѓе, без налог, само заради нивните политички активности. Доказите кои ги имаме и кои ги приложивме кон пријавата, со прислушуваните и тонски снимани разговори, се однесуваат на временски период од 4 години.
Искрено се надеваме дека проширувањето на кривичната пријава нема да ја доживее судбината на првичната кривична пријава, за којашто до сега немаме никаков абер што се случува. Ниту зошто обвинителството до овој момент не постапува воопшто по она што беше поднесено пред десетина денови. – изјави Стево Пендаровски.
Тој рече оти сака да верува дека институциите на Република Македонија конечно ќе се одважат и ќе постапат по кривичната пријава за, како што истакна, „еден масовен злостор против човековите слободи и права, за прислушување на илјадници и илјадници граѓани на оваа земја без било каков повод и причина.“
-Немаме верба во луѓето кои актуелно ја водат оваа институција. Меѓутоа веруваме дека сите останати, меѓу кои има професионални, стручни кадри, доблесни луѓе, овој пат нема да одмолчат и во интерес на нашата заедничка, подобра иднина ќе постапат по пријавата, ќе ја процесуираат понатаму и ќе ги санкционираат оние кои го правеле ова злодело против сопствениот народ.-додаде Пендаровски.
OhridNews