Веднаш реагираше Управата за заштита на културното наследство, според која станува збор за неиздржана критика, која доаѓа од партија и луѓе кои никогаш не инвестирале и реализирале ниту еден проект од културата или од било која друга област.
– За музејот на вода има незапаметена заинтересираност и од домашните и од странските туристи од целиот свет и продадени над 2.500 влезници на неделно ниво, нешто што досега не е забележано во нашата земја, се вели во реакцијата на Управата за заштита на културното наследство.
Музејот на вода во Градиште беше изграден во 2008 година, а неодамна отпочнаа дополнителни градежни активности за комплетирање на културниот центар, единствен од тој вид во овој дел од Европа.
Во рамките на музејскиот комлекс е изградена целосно реконструирана праисториска палафитна (наколна) населба која, според истражувањата, своевремено се простирала на површина од околу 8.500 метри квадратни. Се работи за автентична реконструкција на дел од наколната населба, идентична врз остатоците од подводниот археолошки локалитет „Плоча Миќов град“, со хронолошка припадност некаде на крајот на бронзеното и почетокот на железното време, меѓу 1200 и 700 година пред нашата ера.
Според информациите на надлежните институции реконструкцијaта на праисториската наколна населба , ќе чини околу 3,5 милиони евра и треба да биде готова до октомври овааа година.