-Се надевем дека од таа средба за нашата земја ќе произлезе нешто корисно. СДСМ бидејќи е ставен на страна од сите овие случувања, стои на ставот дека сета одговорност односно целата состојба е во рацете на премиерот Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ. Ние сеуште сме на располагање доколку власта има потреба да се консултира за било кое прашање. Нека организираат некој вид на лидерска средба и ние како опозиција, на таква средба ќе учествуваме –изјави, Андреј Петров, генерален секретар на СДСМ.
Стојан Андов од Либералната партија смета дека проблемот што Македонија го има со Грција е голем и дека власта треба да има посериозен пристап со него.
-Не гледам дека нашето државно раководство е посветено да го решава тој проблем, затоа мислам дека и на оваа средба, шансата ќе се пропушти. Ова прашање мора да се реши за да ја се деблокира позицијата на државата.-изјави Андов.
Ѓорѓи Оровчанец вели дека треба да се изнајде соодветен компромис со Грција и дека Владата треба, што побрзо да го реши спорот со името.
-Се што ќе го реши проблемот на Република Македонија со Грција, а нема да задира во националниот идентитет на Македонскиот народ, ќе биде прифатливо за опозицијата.-изјави Оровчанец.
Премиерите на Македонија и на Грција Никола Груевски и Јоргос Папандреу според најавите треба да се сретнат денеска, на маргините на Самитот на ЕУ во Брисел. Тет-а-тет разговорите, како што информира владината прес-служба, се во насока на подобрување на односите меѓу двете земји, и се дел од напорите во функција на процесот кој се води под покровителство на ОН за изнаоѓање на заемно прифатливо решение за името.
Тоа ќе биде трета директна средба на двајцата премиери. Претходните две, на 29 октомври во Брисел и на 27 ноември во грчкиот дел на Преспа, не донесоа прогрес во разговорите.
Прашањето за името и грчката блокада на евроинтеграцијата на Македонија беа главни теми и на вчерашните средби на Груевски со претседателот на Советот на ЕУ Херман Ван Ромпуј, со претседателот на Европскиот парламент Јиржи Бузек, европратеникот и известувач за Македонија Зоран Талер и со еврокомесарот за проширување Штефан Филе.
Премиерот Груевски по средбите изјави дека во разговорите со високите европретставници потенцирал оти македонската страна прави максимум за да се најде решение, затоа што интерес на Македонија е да биде деблокирана, да ги нормализира односите со Грција, да стане членка на НАТО и да ги започне преговорите со ЕУ.