Плановите за вработување во јавните претпријатија и Општина Охрид за 2025 година предизвикаа бурна расправа на 44 седница на Совет на Општина Охрид. Имено од опозицијата со став дека постои и така превработеност и во Општината и во јавните претпријатија, посочувајќи дека истите ќе бидат и дополнително отежнување за функционирањето на претпријатијата имајќи ја предвид нивната финансиската состојба. Секретарот на Општина Охрид, Александар Китески појасни дека станува збор за истиот План за вработувања од 2024 година кој не бил реализиран бидејќи се работело на нов Правилник за систематизација на работни места кој се очекува да биде одобрен и по истото може да има измени во Планот за вработување. Но, стои на ставот дека секое превидено вработување е потребно.

Во наредната 2025 година локалната власт има намера да вработи 38 нови вработувања распоредени на следниот начин 8 лица во ЈП Водовод Охрид, по 5 во јавните претпријатија Нискоградба и Градски пазар, 2 во ЈП Градски гробишта, едно лице во ЈП Билјанини Извори и 17 лица во ЈП Охридски Комуналец, рече координаторката на пратеничката група на СДСМ, Живка Ангелоска.

Јавните претпријатија работат со субвенции од Општина Охрид кои им помагаат на ЈП-ја да можат да поделат плата и да ги измират тековните трошоци. И во една таква ситуација не гледам никакви оправдување и ако ги погледнеме пензионирањата. Со вакви финансиски извештаи со максимумот субвенции од Општина Охрид апсолутно нема никакво оправдување за ваква бројка на вработувања. Нека бидат вработени само оние кои се неминовни, нема потреба од вработувања. Сите знаеме каква превработеност има во ЈП-ја. Да напоменам 2025 година е и изборна. И се ставаме во ситуација каде ќе го барате во иднина спасот, се надевам нема во цените на услугите, а уште помалку со јавни површини наменуваме за секакви некакви работи како што ни се случува сега, еден хаос, посочи Ангелоска.

Општината, истакна Ангелоска, има намера да вработи нови 11 лица во пресрет на локалните избори во 2025 година.

Тие се однесуваат на 4 референти, 1 самостоен референт како комунален редар, 3 виши референти од кои 2 во месната самоуправа, а еден за спроведување на урбанистички планови. Шестмина соработници од кои првите двајца ќе бидат помлади соработници од кои едниот во Управување со отпад, другиот во Комунални такси, а другите двајца соработници еден во образование, другиот за унапредување на спортот. Двајцата виши соработници едниот ќе биде во уредување за градежно земјиште, а другиот за правни работи од областа на комуналната дејност. Советникот ќе ги советува за уличните мрежи. Може да ми кажете дека ова е само план и нема да го реализираме. Една Општина која е водечка по број на вработени, повторно да вработува нови лица. Гломазноста доведува до нефункционалност. Во 2025 година ќе бидат вработени нови 49 вработени. Се ставаме во една ситуација јавните претпријатија никогаш да не излезат од кризата во која се наоѓаат, додаде Ангелоска.

Секретарот на Општина Охрид, Александар Китески, посочи дека станува збор за истиот план од 2024 година кој не е реализиран минатата година поради подготовката на новата систематизација и правилник.

Во планот за 2024 година се истите работни места кои се ставени во 2025 година. За 2024 година од планираните немаме ни едно реализирано вработување, затоа што работевме на нова организација и Правилник за систематизација на работни места. Овој План најверојатно ќе трпи измени за 2025 година, а со оглед дека после донесување на Одлуката за нова систематизација во текот на месец септември од Министерството за јавна администрација ќе биде дадена согласност на новиот Правилник за систематизација на работни места. Доколку тоа се случи во септември можно е Планот за вработување за 2024 година да биде променет. Тој план е идентичен со планот за 2025 година. Одлучивме истиот да го пуштиме и за следната година за да не го пропуштиме рокот и да немаме план. Има потреба од одредени работни места каде се планирани вработувањата по секторите. Планирани се и вработувања каде имаме пензионирања. Кога станав секретар имаше 263 вработени, денес имаме 248 вработени на неопределено, додека преку договор имаме 10 луѓе. Во иднина Општина Охрид нема да работи за Агенција за привремени вработувања, истакна Китески.

Објасни дека со новиот Правилник за систематизација намалени се над 130 слободни работни места, а во процедура е донесување нов Закон за административни службеници.

Ако сакавме да има гломазна администрација немаше да правиме нова систематизација. Со новата организација имаме спојување на Секторот за образование, детска заштита со Секторот за спорт, млади и невладини организации кој ќе биде Сектор за јавни дејност и плус покрај тие одделенија е и Одделението за култура кое го тргнавме од Секторот за меѓународна соработка. Секторот за општи работи, Одделението за административно-техничка поддршка и Одделението за ИТ ги споивме во едно исто Оделение. Одделението за јавни набавки кое беше во склоп за Секторот за општи работи го тргнавме како самостојно одделение како што се човечки ресурси и внатрешна ревизија. Согласно новата класификација успеавме да предвидиме места за сите тие кои имаат завршено на Факултетот за туризам и угостителство. Се раководиме да вработиме лица каде имаме потреба и не се согласувам дека Општина Охрид сака да направи гломазна администрација, заклучи Китески.

На денешната седница советниците расправаа и за вторите квартални извештаи на јавните претпријатија каде беше посочено од страна на опозицијата дека голем удел во најголем дел од ЈП-ја имаат субвенциите од Општината и дека доколку истите ги нема ситуацијата ќе е многу потешка од тоа што е сега.

Н.С.Ј.