Советниците од опозицијата во Советот на Општина Струга на денешната седница побараа да биде ставена на дневен ред декларацијата поднесена од Алијанса за Албанците, преку која се оградуваат од незаконското работење на градоначалникот Рамис Мерко. Но, мнозинството, односно советниците на СДСМ и ДУИ не ја прифатија точката, по што опозицијата ја напушти седницата.

Координаторот на советничката група на ВМРО – ДПМНЕ Ален Деребан посочи дека иако со декларацијата неможе да се казни, ниту отповика градоначалникот, сепак сакале да се стави на дневен ред на расправа на која ќе се оградат од, како што рече, незаконското работење на Мерко. Советничката група инсистира на кривична одговорност, не само на градоначалникот, туку и на сите советници кои гласале за сите негови иницијативи, предлози и одлуки иако знаеле дека се спротивни на законските прописи.

Советничката група на ВМРО ДПМНЕ инсистира на ефективна, а не декларативна одговорност, не само на градоначалникот на Општина Струга, туку и на сите советници кои во изманатиот период свесно и слепо ги поддржуваат сите идеи иницијативи и предлози од градоначалникот, знаејќи дека се спротивни на законот, изјави Деребан.

Советникот Џумкар Нијази од Алијанса за Албанците рече дека со декларацијата сакаат да укажат дека граѓаните на општина Струга преку нивните политички претставници во Советот на Општина Струга на ниеден начин не се инволвирани во значителна корупција, злоупотреба на јавни фондови, мешање во судски и други јавни постапки и оштетување на довербата на јавноста во демократски институции и функционери во држаата за што е обвинет градоначалникот на Струга Рамис Мерко од Стејт департментот на САД.

Го повикуваме градоначалникот на Струга Рамис Мерко веднаш да поднесе оставка од функцијата градоначалник со цел надлежните институции самостојно и без притисок да ја вршат својата истражна дејност, рече Нијази.

Ги повика сите надлежни органи на прогонот да почнат истраги по тврдењата на Стејт департментот на САД што е можно поскоро.

Покрај советниците на ВМРО – ДПМНЕ и Алијанса за Албанците декларацијата ја поддржаа и советниците на Беса и во знак на револт и тие ја напуштија седницата на Советот.

OhridNews