Одлуката за управување со јавната чистота и паркови и зеленило и одлуката за управување со отпадот е во тесна врска со загадување на животната средина и затоа треба да видиме на кое ниво се почитуваат одредбите од оваа одлука од страна на граѓаните и локалната самоуправа во однос на спроведувањето. Сведоци сме дека од година во година повеќе денови Охрид ги надминува градовите кои го носат епитетот загадени градови во државата барем според податоците од мерната станица на Министерството за животна средина, во смисла на присуство на штетни материи во воздухот, истакна на денешната одржана седница на Совет, советничката Живка Ангелоска.
Нема да говорам по однос на висината на надоместокот кој е утврден со овие одлуки, зошто како и низ годините ќе бидат усвоени и овие одлуки. Но, важна е примената на одлуките во пракса. Колку граѓаните ја познаваат содржината на тие одлуки. Во најголем дел во нив се содржани одредби од Законот за јавна чистота и Законот за урбано зеленило каде е наведено како треба да се однесуваат физичките и правни лица на и со јавните површини, но и кои се обврските на локалната самоуправа во однос на набљудување на состојбата и преземање мерки против несовесните граѓани или правни лица, посочи.
Експертите од областа на животна средина, вели, ги наведуваат како причини за загадувањето на воздухот согорувањето на различни отпадни материјали, палењето на отпадот, состојбата со депонијата Буково, но една од причините е и масовната урбанизација која се случува во градот, не само сега децении наназад.
Но, сакам да ги спомнам одредбите од оваа одлука кои се однесува на изведувачите на градежни работи. Сведоци сме дека на многу локации во градот се вршат градежни активности, не да се градат објекти од јавен интерес, туку на речиси секоја улица се градат индивидуални или колективни станбени објекти. Секоја чест на совесните кои се придржуваат на одредбите, но ситуацијата и сликата во Охрид на многу локации е причина за да дискутираме, критикуваме и да побараме поголема грижа на локалната власт.
Ако ги прочитаме одлуките, вели Ангелоска, ќе видиме дека за изведувачите на градежни работи е забрането и се санкционираат доколку не се однесуваат согласно одобрението кое го издава општината, односно дека утовар, истовар, одлагање на градежен материјал треба да се врши на точно определни површини во точно определни временски интервали и при тоа да се внимава да не се попречи проодноста на тротоарите и сообраќајниците.
Во реалноста е нешто сосема поинаку. Не само што не се почитува тој временски интервал, туку се случува хаос на сообраќајниците, се попречува сообраќајот и во секој случај сето тоа го отежува секојдневното функционирање на граѓаните. Владее тотален хаос. Во одлуката се вели дека е забраното расфрлање на земја и други материјали, дека сето тоа треба да го прават на површините каде градат, а не на тротоарите и сообраќајниците. Повторно, сведоци сме дека во реалноста не е така. Ретко кога се враќа ситуацијата во првобитна состојба, што е обврска на изведувачите, но и на локалната да го контролира сето тоа и ние имаме на повеќе локации ситуации на уништени, пропаднати тротоари, сообраќајници… Ова што го говорам е сликата која ја гледаме секојдневно и е реакција на граѓаните. Се поставува прашањето што е важно за локалната власт, само да ги даде одобренијата за градба и да ги наплати комуналиите или има намера и волја овие одлуки кои денес се носат да ги спроведува на дело. Да ја прати ситуацијата по улиците низ градот и да презема санкции за да не се отежнува секојдневното функционирање на граѓаните, посочува Ангелоска.
Секретарот на Општина Охрид Александар Китески истакна дека се согласува дека од страна на одредени инвеститори, изведувачи на згради има непочитување на одлуките.
Но, локалната власт, Општина Охрид ги почитува одлуките кои ги носи Советот и во периодот откако ќе биде пријавено дека се почнува со градба, па се до завршување, самостојните овластени градежни инспектори се должни да вршат надзор над изградбата на објектите и дали се изведуваат работите согласно донесите прописи или не. Има и јас лично реагирано. Од страна на градежните инспектори се врши надзор, се прават записници и се дава рок во кој од страна на изведувачите таквите оштетувања треба да се вратат во првобитна состојба. Како локална власт и Одделение за инспекциски надзор вршиме контрола, изречени се и мерки. Секаде каде има оштетувања додека се гради се составени записниците и самите изведувачи се согласни по завршување на работата да се врати состојбата во првобитната положба, без разлика дали се тротоари, коловоз и сл.
Н.С.Ј.