„И покрај ветувањата и дадената поддршка од опозицијата, проблемот со кучињата скитници и понатаму не е решен“, обвинуваат советниците од ВМРО ДПМНЕ, кои на денес одржаната седница на советот побараа да биде ставена точка на девен ред со информација околу функционирањето на најавениот стационар во Охрид.

  • Постојано читаме за каснувања од кучиња скитници. Во изминативе седум месеци, слушнавме неколку изјави дека стационарот само што не почнал со работа, но реалноста е сосема друга. Функционираат само двете возила кои ги има набавено ЈП Охридски комуналец за шинтерската служба, а се возат за службени цели, но не за намената, односно собирање на кучињата. Службата не функционира и затоа бараме информација од директорот на јавното претпријатие, изјави координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, Кирил Пецаков.

Директорот на ЈП „Охридски комуналец“, Љупчо Грданоски, објаснува дека сите нивни обврски околу работењето на стационарот се завршени. Единствено се чека на доделување на локацијата на која се наоѓа стационарот, во сопственост на јавното претпријатие, по што ќе може да биде издадено и потребното одобрение од Агенцијата за храна и ветеринарство за вршење на дејност.

  • Локалната самоуправа врши измена на урбанистичко планската документација и веднаш по завршувањето на таа документација, со одлука на советот тоа земјиште ќе ни биде доделено и ќе може прифатилиштето да биде регистрирано. До регистрирањето на стационарот ние немаме право таму да постапуваме, освен волонтерите кои сега се грижат за досега заловените кучиња. Измената на планската документација е започната пред околу година дена, но беше „заглавена“ во министерството за животна средина, бидејќи тој простор беше потребен за друга намена, за проект за обработка на био гориво. Сметам дека за месец или два, постапката ќе заврши, просторот ќе ни биде даден, по што ќе го добиеме и одобрението од агенцијата за храна и ветеринарство и ќе можеме да се справиме со проблемот наталожен 20 години, објаснува директорот Грданоски.

Потенцира дека во меѓувреме се завршени сите други активности, неопходни за функционирање на стационарот. Склучен е договор за вршење ветеринарни услуги, како и договор за набавка на храна за кучињата, вработен е шинтер, набавени се возила. Изградени се пет кафези со површина од десет метри квадратни и десет метални кафези од пет метри квадратни површина. Во надворешниот дел од стационарот уредено е место за рашетување на кучињата, според законот за благосостојба на животните.

  • Доколку во овој момент би го добиле земјиштето на користење, ние од утре би почнале со заловување на кучињата, вели Грданоски.

Инаку, јавното претпријатие „Охридски комуналец“ е задолжено за третман на кучињата скитници на подрачјето на општина Охрид согласно одлуката на советот донесена во 2003 година. И покрај тоа што одлуката датира од пред 16 година, формирањето на шинтерска служба почна минатата година.

Т.К.