Изречена опомена на еден угостителски објект во Охрид кој не поседувал лиценца да работи како кабаре при инспекциските контроли кои беа спроведени во угостителските објекти во Охрид на 19 и 20 ноември. Од стапувањето на сила на мерките на 15 ноември досега се спроведени 250 инспекциски надзори и контроли од страна на Државниот пазарен инспекторат – Одделение за инспекциски надзор Охрид и СВР Охрид.
При инспекциските надзори извршен на 19 и 20 Ноември 2021 година во угостителските објекти во Охрид, кај еден угостителски објект констатирано е прекршување на одредбите од Законот за угостителска дејност во поглед на непочитување на обврската за поседување на лиценца за вршење на угостителска дејност во објект од видот кабаре, при што на угостителот му е изречена опомена согласно Законот за инспекциски надзор во рок од 15 дена да обезбеди лиценца од Министерството за економија – Скопје, информираат од Државниот пазарен инспекторат – Одделение за инспекциски надзор Охрид.
Од стапувањето на сила на одредбите од Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID – 19, предизвикана од вирусот SARS CoV-2, случаите и временскиот период на нивна примена почнувајќи од ден 15.11.2021 година, Државниот пазарен инспекторат – Одделение за инспекциски надзор Охрид има извршено вкупно 250 инспекциски контроли и надзори.
Притоа, не се констатирани прекршувања на одредбите од цитираната Одлука и Протоколите за отворање и работа на угостителските објекти. Надзорите се вршат во соработка со СВР Охрид, со цел утврдување на веродостојноста на презентираните сертификати/потврди за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS CoV-2, додаваат од ДПИ – Одделение за инспекциски надзор Охрид.
Н.С.Ј.