Согласно Оперативниот план, изготвен според протоколите на на Министерството за здравство и препораките на Светската здравствена организација за спречување на ширењето на пандемијата на коронавирус, одлучено е Одделот за интензивна нега во рамки на ЈЗУ Општа Болница, да биде место каде што ќе се згрижуваат пациентите со потешка клиничка слика и потреба од интензивно лекување, доколку за тоа има потреба, информира денеска градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески. Одлуката била донесена на координативен состанок со претставници на сите здравствени установи од подрачјето на Општина Охрид.

Целокупната медицинска опрема, ресурси и капацитети за интензивна нега кои што ги поседуваат сите здравствените установи ќе биде на располагање при лекувањето на потенцијалните пациенти во Одделот за интензивна нега во Општата болница. Целокупниот медицински персонал од јавните здравствени институции, кој според проценките е во доволен број, ќе биде ставен на располагање за навремено и тековно делување, согласно протоколите. – информира Градоначалникот.

Формирани се тимови од доктори и медицински персонал кои имаат големо искуство во интензивната нега и истите ќе бидат ангажирани за интензивен болнички третман во изолација. За оваа намена обезбедена е соодветна заштитна опрема, вели Георгиески.

Утврдена е и логистика за координирање помеѓу сите надлежни институции, со цел да бидат ставени на располагање сите ресурси и заеднички да се придонесе за посоодветно надминување на оваа состојба. – истакна Георгиески.

Локалната власт и здравствените работници упатуваат апел до сите граѓани на Општина Охрид да покажат највисоко ниво на јавна свест, да ги почитуваат сите препораки за заштита од коронавирусот Ковид 19 и покрај поволните временски услови да останат во своите домови.

Само така ќе можат да помогнат и да придонесат за зачувување на своето здравје, здравјето на најблиските и целокупното јавно здравје.

ДА БИДЕМЕ ОДГОВОРНИ!
ОД СИТЕ НАС ЗАВИСИ! – порачува локалната самоуправа.

OhridNews