Измените во одвивањето на сообраќајот на дел од улицата Јане Сандански се направени поради утврдени оштетувања, односно раздвојување на тротоарот, а како последица на градежните работи кои се во тек.

Како што информираат од Фондот за комунален развој и патишта, пред два дена бил извршен увид од страна на градежен инспектор, при што биле евидентирани оштетувањата. 


Поради настанатото раздвојување, при движење на тешки товарни возила или автобуси, може да се случат и поголеми оштетувања на коловозот и тротоарот и би можело да дојде до несакани последици. Затоа, како превентивна  мерка се одлучивме времено да затвориме дел од коловозот, вели Зоран Шикалески, од Фондот за комунален развој и патишта.
 
Инаку, од вчера, на потегот од пресекот на Јане Сандански со улицата Галичица кон раскрсницата, една коловозна лента е затворена за сообраќај. Според исцртаната хоризонтална сигнализација, возилата треба да го користат делот од улицата кој досега служеше како паркинг простор за такси возилата.

OhridNews