Напукнатата гранка од дрвото засадено во дворот на катедралната црква Св. Софија која подолго време опасно висеше над главите на минувачите сама се скрши.


Делови од неа паднаа на земја, а мештаните кои со години алармираат на опасноста стравуваат дека други гранки од ова старо дрво можат да се откинат секој момент и да повредат некого. Тука секојдневно поминуваат туристи, а во дворот на црквата играат и нашите деца, велат мештаните. За да ги заштитат посетителите тие неодамна поставија предупредување на клупата која се наоѓа под самото дрво.



Со проблемот запознаена е надлежната митрополија, но и општинската комисија за сечење дрва. Оттаму велат дека уште пред две години и укажале на Дебарско – кичевската епархија дека треба да го реши проблемот затоа што напукнатото дрво се наоѓа на нејзин имот.

Како што дознаваме Дебарско-кичевската епархија му дала согласност на јавното претпријатие „Охридски Комуналец“ да ја пресече оштетената гранка. Екипа на „Комуналец“ деновиве излегла на терен но поради непристапниот терен и несоодветна опрема проблемот не е отстранет.

-Се обидовме да ја пресечеме гранката но ниту нашите возила, ниту специјалното возило кое се користи за менување сијалици не се доволно високи за тоа безбедно да се направи. Подготвени сме бесплатно да ја извршиме работата, но немаме соодветна опрема, ни изјави Сашо Алче, директор на ЈП „Охридски Комуналец“.


Според упатените поради потенцијалната опасност можеби е најдобро да се пресече целото дрво, но за тоа одлука треба да донесат митрополијата и надлежната општинска комисија.

Мештаните раскажуваат дека “опасното“ дрво “павлонија“ било засадено пред околу 50 години. Проблемите како што велат тие започнале уште пред три години кога дел од крошната на дрвото паднала непосредно по приемот што тогашниот претседател Црвенковски го одржал по концертот на шпанскиот тенор Хозе Карерас на  отварањето на фестивалот „Охридско лето“ . За среќа тогаш никој не бил повреден, а мештаните се надеваат дека надлежните навреме ќе реагираат за да се спречат несакани последици.

Ohridnews