Опасна дупка која се наоѓа на автопатот Охрид-Ресен ги оштетила гумите на неколку автомобили кои вчеравечер патувале на оваа релација. Еден од нив бил и автомобилот на охриѓанецот Златко Ангелески, кој се обрати до нашата редакција со цел да алармираме за овој проблем.

-Дупката е лоцирана на коловозот на потегот кај село Крушје. Незиниот отвор е со длабочина од околу 15 саниметри, а веднаш по неа има уште една длабока дупка, па доколку се вози во ноќните часови нема можност да се избегнат. Додека јас ја поставував резервната гума на автомобилот уште неколку други автомобили кои минуваа по патот ги оштетија гумите. Не знам како „Македонија пат“ до сега нема поставено соодветен сообраќаен знак на ова место, кој ќе предупредува на оваа опасност, вели Ангелески, кој ни испрати и кратко видео од критичното место.

Оштетениот возач информираше дека за овој случај веќе е направен записник од Полиција.

-Се надевам дека наредната недела ќе биде изготвен записнокот со кој планирам да ги тужам надлежните за направената штета, најави Ангелески.

Според него, регионалните патишта и автопати во Македонија редовно треба да бидат одржувани и да бидат безбедни, бидејќи сите сопственици на автомобили со регистрацијата на своите автомобили плаќаати сума за одржување на патиштата.

OhridNews