Нискиот животен стандард и беспарицата значително се одразува врз куповната моќ на охриѓани кои во последниот период трошат многу помалку средства на основните животни намирници, тврдат трговците.

Тие објаснуваат дека во споредба со претходните години, остваруваат значително помал промет, а има и месеци кога работат  нерентабилно.

-Кога прометот започна да опаѓа, сметавме дека тоа е резултат на конкуренцијата, но во консултација со други трговци кои имаат колонијални продавници и маркети се потврди дека причината за намалување на прометот се должи на помалата побарувачка. Се чувствува само мало раздвижување на почетокот на секој месец, кога ќе стигнат пензиите и платите, вели сопственик на една малска продавница во Охрид.

Најголемо намалување на побарувачката во текот на изминатиот период бележат трговците со овошје и зеленчук.

-Во истиот период лани, за време на Велигденските пости побарувачката на овошје и зеленчук беше многу поголема, но годинава овошје и зеленчук се купува многу помалку. Бидејќи сме директни набавувачи на дел од производите, може да понудиме пониски цени од конкуренцијата, постојано имаме муштерии, но се купуваат многу мали количини, објаснуваат вработените во една специјализирана продавница за овошје и зеленчук.

И сопствениците на тезги на охридскиот Градски пазар, потврдуваат дека за разлика од порано, сега се купуваат помали количини на свежи производи.

-Муштериите само прашуваат за цена, квалитетот не ги интересира. Вистинска реткост се оние муштерии кои купуваат повеќе килограми овошје или зеленечук, а во последно време наместо во килограми често мериме на парчиња. На пример -Измери ми 6 компири, дај ми 4 домати, 5 портокали и слично, велат охридските пазарџии.

Според пресметките на Сојузот на синдикати на Република Македонија, на едно просечно четиричлено семејство во февруари 2015 година му биле потребни околу 523 евра или точно 32.160 денари само за да ја покрие минималната синдикална потрошувачка кошничка. Според табеларниот приказ од ССМ, за месец февруари за исхрана и пијалоци биле потребни: 13.498 денари, за трошоци за домување 10.362 денари, 2.177 денари за хигиена, 2.339 денари за превоз, 2.048 денари за облека и обувки, 1.070 денари за култура и 663 денари за одржување на здравје.

Лаекен индикаторите за сиромаштија кои лани ги објави Државниот завод за статистика, покажуваат дека стапката на сиромашни лица во Република Македонија во 2012 година изнесувала 26,2%.

Во табелата за материјално обесправени лица во однос на одредени потреби за 2012 може да се види дека 39,5% од населението има потешкотии со плаќањето на барем еден од наведените трошоци: кредити за купување или реновирање на станот, станарина, сметки за комунални услуги (вода, струја и затоплување) или рати за нестанбен кредит. Вкупно 72,3 % од населението не може да си овозможи еднонеделен одмор во текот на годината, а 53,2 % од населението не може да си дозволи јадење со месо и риба секој втор ден.

Инаку според истражувањето на германскиот институт ГФК, направено во текот на 2013 година, македонците се најдоа во групата на потрошувачи со најниска куповна моќ во Европа. Од 40 држави, Македонија беше рангирана на 35-то место. Кон средината на 2013 година и „Еуростат“ ја рангираше Македонија на третото место според сиромаштија во Европа. Македонските граѓани се 65 проценти под стандардот на Европската Унија осносно со 35 % БДП по глава на жител.

Е.М