Интересот за вакцинација против свински грип кај охриѓани значително е намален. Од охридскиот  Центар за јавно здравје велат дека до сега на подрачјето на Охрид против АХ1Н1 се вакцинирале  870 граѓани. Намалениот интерес за вакцинација според епидемиолозите се должи на фактот што моменталната состојба со вирусот во земјата стагнира и дека нема значително зголемување на заболени и починати, како резултат на истиот.  Тие нагласуваат дека не само што е намален интересот кај невакцинираните, значително опаѓа и интересот на лицата кои треба да се ревакцинираат со вакцината на „Бакстер“.

-Во Охрид од вакцините на Бакстер, со кои е предвидена и ревакцинација,  примија околу 300 граѓани. Тие треба да се јават и на дополнителна вакцина, за да го продолжат рокот на имунизација, кој го стекнале со првата вакцина. Доколку не се јават на ревакцинација не значи дека ќе имаат последици по здравјето, но препорачуваме да се ревакцинираат за си го задржат имунитетот против вирусот. -вели д-р Атанаско Михаилов, раководител на Центарот за јавно здравје во Охрид.

Тој нагласува дека во целиот период откако е појавен новиот вирус на АХ1Н1, во Охридскиот регион бил регистриран само еден потежок случај на заразен пациент.

– Компликациите кај пациентот кој беше во критична состојба, настанаа поради тоа што истиот беше хронично болен. Но со ефикасна интервенција, тој беше испратен на Клиниката во Скопје, каде што за многу брзо време беше доведен во стабилна состојба. Другите случаеви беа со лесна клиничка слика и без последици врз здравјето.-објаснува д-р Михаилов.

Е.Е