Во периодот од 18 до 23 септември 2024 во Охрид се реализира третата и последна образовна мобилност од Еразмус+ проектот „Нашите приказни се наши мостови”/”Our stories are our bridges”, на која домаќин беше ООУ „Ванчо Николески” од Лескоец, кое училиште е и главен координатор на овој проект. На истата освен наставници и ученици од ова училиште, учествуваа наставници и ученици од ОШ „Анте Цурач – Пињац“ од остров Корчула, Р. Хрватска и од ОШ „Брезовица при Љубљани” од Р. Словенија.
Како што посочуваат од ООУ „Ванчо Николески“ целта на проектот е да се истакне важноста на приказните во наставата и преку истите учесниците да се запознаат со културата, традицијата, обичаите и убавините од другите народи. Преку креативно прераскажување автентични локални приказни, кај учениците од различни земји се развиваат позитивни вредности, меѓусебно се зближуваат, а разликите им служат како мост за поврзување.
Во рамки на оваа мобилност се запознавме со застапеноста на приказните во македонскиот образовен курикулум, додека учениците имаа интерактивни работилници за обработка на приказни поврзани со историјата, културата и традицијата на Охрид, вклучувајќи и посети на значајни институции, места и локалитети. Исто така, сите училишта учесници имавме можност да претставиме приказна од нашите предци и да ги слушнеме приказните од предците од останатите земји учесници, велат од училиштето.
Учесниците од оваа мобилност ги посетија локалитетот Скребатно, Националниот парк „Галичица”, Хидробиолошки завод Охрид, стариот град Охрид, локалитетот „Заливот на коските“, комлексот и манастирот „Свети Наум“.
Учениците истражуваа, презентираа, бараа “скриено богатство” низ локалитетите, составуваа реченици, приказни, сложувалки, учејќи нови нешта, дружејќи се и работејќи тимски. Се забавуваа и учеа низ разни спортски игри и вежби за развивање на нивните социјални вештини. Исто така учениците уживаа во театарската претстава „Приказна за една идеја” во прекрасниот амбиент во предворјето на црквата Св. Софија, изведена од младите волонтери на Црвен крст Охрид. Ја слушнаа Приказната за хуманост, со цел мотивирање на позитивни хумани вредности и почитување на разликите. Имавме можност да ја проследиме и драматизацијата на македонската народна приказна „Мрзливата жена и метлата“, подготвена од наши ученици, преку која се запознавме со нашето народно творештво, потенцираат.
Додаваат дека во организација и реализација на мобилноста активно беа вклучени и родителите на учениците учесници, со чија поддршка целосно и успешно се реализира предвидената агенда.
Ова беше третата и последна образовна мобилност од овој проект кој официјално завршува на 30.11.2024 година. Ова е шести Еразмус+ проект што го реализира ова училиште. Претходно се успешно и целосно имплементирани пет Еразмус+ проекти од клучна акција КА 229.
OhridNews