ООУ „Св. Наум Охридски“- с. Пештани по четврти пат е наградено со еТвининг школска ознака 2025-2026. Ова е големо достигнување на еТвининг тимот во нашето училиште, вели, еТвининг амбасадорот, одделенската наставничка Лила Каранфиловска.

Училиштето Е-Твининг е амбасадор на другите училишта преку активно промовирање еТвининг и ширење на достигнувањата преку отворени денови, информативни сесии и менторски активности. Е-Твининг училиштето е инклузивно и иновативно и е посветено на инклузивност на секое ниво, создава инклузивна средина за учениците. Наставниците работат заедно како тим и ги планираат своите еТвининг и други педагошки активности, споделуваат искуства и практики со колеги, внатре и надвор од училиштето. Наставниците соработуваат за обезбедување на еТвининг акционен план и негово користење со кој ќе придонесат за поттикнување иновации и промени во училиштето и подалеку, вели Каранфиловска.

Наставниците, посочува, користат еТвининг за поддршка и реализација на наставната програма, иновативни педагошки модели кои вклучуваат различни пристапи, колаборативното учење, образование насочено кон учениците, флексибилни пристапи кон времето за учење и просторите за учење.

Ученици во еТвининг училиштето се двигатели на промени. Тие имаат активна улога во развој на еТвининг училиштето и се носители на многу интересни иновации во педагогијата и употребата на технологија во наставата. Оваа година нашите ученици работат на три е-Твининг проекти во соработка со неколку земји: Словенија, Хрватска, Србија, Португалија, Шпанија, Италија. Во текот на овие неколку години добитници сме на неколку национални и европски ознаки за квалитет, потенцира Каранфилоска.

Додава дека минатата година проектот на ООУ „Св. Наум Охридски“- с. Пештани на тема „Ајде да учиме математика“, доби највисоко национално признание како најдобар проект за иновација и едукација во образованието.

OhridNews