Основното училиште „Кочо Рацин“ од Охрид е меѓу 250-те наградени училишта од целиот свет за борбата против климатските промени кои беа прогласени на вчерашниот глобален настан од Cartoon Network. Училиштето се стекна со престижната награда „School of Excellence“, односно беше одликувано за училиште со врвен акционен климатски проект.
ООУ „Кочо Рацин“ ја освои оваа награда за проектот „Climate Action Project“ во трка со над 130.000 училишта ширум светот од 146 различни земји. На проектот во текот на 6 недели работеа 8 наставници и вкупно 110 ученици од 7 одделенија од училиштето. Учениците беа под менторство на наставничките Виолета Петковска, Наташа Неданоска, Силвана Крстеска, Татјана Лошкоска, Габриела Неделкоска, Јованка Анѓелкоска, Билјана Марковиќ Митков и Билјана Каланоска.
Поединецот е важен за зачувување на животната средина и спречување на катастрофа од климатските промени и има општествена одговорност кон Земјата, околината и кон себе си. Во рамките на овој проект, нашите ученици ги согледаа штетните последици од климатските промени, научија да ги вреднуваат ендемичните видови, да рециклираат, да ја сакаат планината и да го заштитат езерото, да пошумуваат без да уништуваат и да го поедностават животот без механизација која работи на фосилни горива. Поттикнати се да делуваат секој одделно, а доволно мотивирачки силно во својата заедница, да бидат учители на врсниците, но и своите повозрасни роднини, истакнува наставничката Виолета Петковска.
Победниците беа прогласени од актерот Ден Расел, и 11-годишната музичарка, инфлуенсер и застапник за климата Нанди Бушел. Меѓу говорниците на настанот беа принцот Вилијам, принцезата Есмералда од Белгија, Рик Дејвис од НАСА, Хуан Пабло Целис Гарсија од програмата за животна средина на Обединетите Нации и многу други светски лидери, научници, климатолози и активисти.
Инаку, Cartoon Network Climate Champions како иницијатива го организира настанот со цел подигнување свеста за климатските промени која има за цел да ги инспирира децата да преземаат секојдневни предизвици кои колективно можат да направат голема разлика за здравјето на нашата планета.
Станува збор за бесплатен, глобално образовен проект кој е лансиран од образовната непрофитна организација „Take Action Global“ во 2015 година, со седиште во Соединетите Американски Држави, од каде секоја година преземаат нови активности за подигање на свеста за климатските промени. Проектот има за цел да им помогне на учениците да научат за климатската криза и за автентичните начини како да ги шират решенијата на интернет, додава Петковска
Помеѓу 250-те наградени училишта за климатски активности беа и Основните училишта „Крсте Мисирков“ и„Димитар Миладинов“ од Скопје и училиштето „Драга Стојановска“ од с.Ракотинци, скопско.
К.А.