7-ми ноември е денот кога Охрид слави за успехот, за храброста и за херојството и се искажува почитта кон жртвите кои ги положија животите за слободен Охрид, за слободна Македонија, велат од ОО Сојуз на борци на Охрид и Дебрца додавајќи дека утре во спомен на починатите, ќе положат свежо цвеќе на нивните спомен обележја, во Спомен паркот на Револуцијата, во алејата на непобедените, каде на мермерната плоча од централната фигура е запишано: „Цутот на една младост, кој растеше и живееше со нас, кој се радуваше и тагуваше со нас, падна, за она што мечтаеше, слободата на својот народ.“
Тоа е всушност нашата почит, но тоа е и нашиот коментар за вистината која мора да оди пред нас во иднината и да сведочи за тоа во историјата, за тоа кој ја донел слободата во овој наш убав град, кој го нудел својот живот во замена за слободата и нашата иднина. Тоа е голема работа која и припаѓа на историјата, но и на вечната вистина, која никогаш не треба да се заборави. Нашата света должност е да ја сочуваме тешко стекнатата слобода, вели претседателот на ОО Сојуз на борци на Охрид и Дебрца, Гоце Георгиески.
Додава дека долг е на денешните и утрешните генерации да ја зачуваат тешко спечалената со многу крв, саможртви и труд слодобата и државата, да имаат критички поглед кон минатото, ама и да се гордеат со него, со достигнатото, со што ќе ги надраснуваат и надградуваат слободата и државноста со нови демократски, економски, културни и општествени вредности за да Македонија ги достигне европските висини на земја со достоен и благодатен живот за своите граѓани.
Од Сојузот на борците додаваат дека во редицата на значајни настани и горделиви датуми од историјата на нашиот град, посебно место зазема 7-ми ноември 1944 година. Што всушност се случило oвде во Охрид пред 77 години на оваа дата?
Двајца хронирачи, наши сограѓани, борци од Првата македонско-народноослободителна ударна бригада, учесници и сведители на настанот, меѓудругото имаат запишано:
Околу полноќ на 6-ти ноември во долга колна бригадата го оставаше Велмеј и се качуваше по пошумените угорнини кон сртот, од каде со голо око можеше да се види Охридското езеро. Горе се дадоа последните насоки и две одделни колони тргнаа во опфатен напад на северо-источниот дел од градот. На источниот дел веќе се водеше борба и единиците на Петтата бригада наближуваа до предградието. Цели три часа минаа откако единиците на Бригадата стапија во борба. Германците очајнички се бореа и полека отстапуваа пред нашиот притисок. Од левото крило јавуваа дека баталјонот се добилижува до гимназијата, а на десното крило се водеше жестока борба во градските гробишта. По упорната борба, германците беа избркани и се повлекуваа накај касраните. Во штабот јавија дека досега паднале четири наши другари. Околу пладне борбата навлезе со сета своја жестина и тогаш се разнесе нашето „ура“. Потоа нашите колони навлегуваа во град од сите страни – цитат од „Последните пукоти на македонската земја“ од Јаким Спировски, политички комесар на Бригадата.
OhridNews