ОО на Сојуз на борци од НОАВМ 1941-1945 и граѓаните продолжувачи од општините Охрид и Дебрца денес преку соопштение реагираат за отстранувањето на спомен плочата од НОВ која се наоѓаше пред некогашната зграда на Синдикатот.

Посочуваат дека за плочата на која е напишана следната содржина: “Во оваа куќа на 26 и 27 ноември 1941 година година Прекиот воен суд на бугарскиот фашистички окупатор судеше група комунисти поради организирање оружано востание на македонскиот народ против окупаторот. Осудени беа: Лазар Колишевски на смрт со бесење, Петре Пирузе во отсуство на смрт со бесење, Ќирил Главинчев на 12 години  и 6 месеци строг затвор, Андон Дуков во отсуство на 12 години и 6 месеци затвор и Јаќим Спироски во отсуство на 8 години и 4 месеци затвор“, според Законот за меморијални споменици и спомен обележја (Службен весник на РМ бр. 66/2004 година) надлежни за подигање, чување, одржување, заштита и користење на спомен обележјата се локалните самоуправи на општините во Македонија.

Како СБ стапивме во контакт со Кабинетот на градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков и добивме уверување дека спомен плочата за краток временски период ќе биде вратена на старото место. Ние како СБ ќе ја пратиме постапката и ќе бидеме во постојан контакт со Градоначалникот и Одделението за култура во Општина Охрид, додаваат во соопштението од ОО на Сојузот на борци.

Вчера, реагираше и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска која побара надлежните институции итно да го разјаснат отстранувањето на спомен плочата од НОВ во центарот на Охрид.

Посочи дека ваквиот начин на третирање на културно заштитеното наследство е казниво дело. Министерката најави дека во случајот ќе биде постапено согласно Законот за меморијалните споменици и спомен обележја и веднаш ќе биде испратена инспекција на терен за да се утврди фактичката состојба и примената на законот.

За отстранувањето на плочата реагираа и од Локалниот огранок на партијата Левица од Охрид, кои посочија дека не смее да се дозволи историското минато на македонскиот народ и неговата антифашистичка борба да бидат заложници на нечии лични интереси.

Упатија повик до надлежните веднаш да излезат на терен и да реагираат, а спомен – плочата да биде повторно поставена на истото место.

Н.С.Ј.