„Учи македонски онјалн“,  специјализирано онлајн училиште за дополнителна настава за учениците од дијаспората, ќе организира  настава по македонски јазик за Македонците на училишна возраст кои живеат во Грција. Пријавувањето е од утре, а часовите е планирано да почнат на 17 октомври.

Учењето на македонскиот јазик е бесплатно. Потребно е само да се пополни формулар за упис со личните податоци на веб-страницата на ова специјализирано онлајн училиште.Секој ученик ќе добие распоред со часови, професор, паралелка и термин за следење на наставата.

– Неа ќе ја изведуваат професори од Македонија во мултимедијална училница во која со учениците ќе имаат аудио и видеоконтакт, според најсовремените информатички технологии за онлајн настава во светот, информира Митко Јованов, основач и раководител на „Учи македонски -онлајн”.

Наставата ќе се изведува еднаш неделно во текот на учебната година во термини погодни за учениците и според официјалните наставни програми на Република Македонија. Секоја паралелка ќе има најмногу до 10 ученици. Учењето на македонскиот јазик е поделено во три степени – почетен, среден и напреден, а секој степен содржи 35 часа.

За учениците кои сакаат да имаат диплома за познавање на македонскиот јазик, „Учи македонски-онлајн“ ќе  им организира полагање испит пред комисија со претставници од надлежните научнообразовни институции во Македонија.

OhridNews