Општ заклучок од тркалезната маса е дека сите страни во овој процес треба да ги подобрат своите перформанси: медиумите да ги зајакнат своите онлајн оддели и да понудат квалитетна и оригинална содржина која е интересна за интернет публиката; маркетинг агенциите да ги зајакнат напорите за анимирање на бизнис заедницата за искористување на предностите на Интернетот и на растечката публика во функција на маркетингот; а пак речиси сите се согласија дека бизнис заедницата се уште не ги разбира овие предности, и дека треба да се работи многу на нејзина едукација за да се зголеми приливот на средства кон редакциите, што ќе резултира со финансиски поодржливи медиуми, кои на тој начин ќе ги добијат финансиските ресурси за да можат да понудат квалитетни содржини.
Сите учесници се свесни дека овој процес нема да запре, туку, напротив, ќе се интензивира, особено во наредните 5-10 години. Тука и го темелат нивниот оптимизам за одржливоста на онлајн медиумите, кои ќе стануваат се позначајни на пазарот на информации.