Фејсбук страна на НВО ХОПС

Од 10.09.2020 - 19:00 до 10.09.2020 - 21:00

Во четврток, 10 септември, во 19 часот, невладината ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, на својата фејсбук страница организира онлајн разговори на тема: „Зависности кај деца и млади во време на пандемија”. Посетителите во коментари ќе можатда ги постават своите прашања, на кои ќе одговараат стручни лица. На оваа тема соговорници ќе бидат: Деспина Стојановска -Психолог и Дарко Богески – активист и параправник во ХОПС, додека разговорот ќе го модерира Благородна Коцева Симјанов.

Децата и младите кои употребуваат дрога, како и нивните родители честопати се соочуваат со крајно предизвикувачки ситуации, предизвикани од кризата и сето тоа резултира со огромни нивоа на стрес, вознемиреност, недостаток на пристап до терапија. Сегашната пандемија Ковид-19 дополнително ги влоши проблемите со кои се соочуваат децата и младите кои употребуваат дроги, велат од НВО ХОПС.

Проблемите се здравствени (пристап до медицински установи и здравствена заштита), психолошки (страв за нивниот живот, стрес, вознемиреност) и економски (губење на работата или губење на работата на нивниот родител). Во време на Ковид-19, нашите психолози кои работат во Центар за рехабилитација и ресоцијализација, имаа зголемен број повици од родители на деца и млади кои употребуваат дрога, барајќи психолошка поддршка во овие времиња. – посочуваат од ХОПС.

И покрај тоа што проблемот за лекување на децата кои употребуваат дроги во нашата земја постои многу оддамна, сè уште не постои државно финансирана национална програма за третман, рехабилитација и ресоцијализација на деца под 18 години. ХОПС работи на овој проблем долги години, а во 2018 и 2019 година го иницираше и олесни процесот на подготовка на “Програмата за третман и грижа на малолетни лица кои употребуваат психоактивни супстанции”. За жал програмата сè уште не е усвоена од националните власти.

Настанот е поддржан од мисијата на ОБСЕ во Македонија во склоп на проектот: “Живеење со зависност – подобрување на менталното здравје и квалитетот на живот на децата и младите кои употребуваат дроги за време на пандемската криза на Ковид-19”.

OhridNews