Ден откако македонската Кошаркарска федерација (КФСМ) спогодбено ја прекина соработката со српскиот стратег Драган Бајиќ за негов наследник на селекторското столче е назначен 41-годишниот Александар Јончевски.
Новиот македонски кошаркарски селектор долги години е дел од стручниот штаб на репрезентацијата, првично како асистент на Марјан Лазовски во квалификациите за Олимписките Игри што се одржаа во Венецуела, а потоа му помагаше и на Марјан Србиноски на Евробаскетот во 2015 во Хрватска. Претходно беше и во тимот на соработници на селекторот Јорданчо Давитков.
Во работата со нашата најдобра селекција на Јончевски ќе му помагаат Никола Василев, актуелен селектор на машката селекција „Под 20“ години, Никола Велев, кој е асистент-тренер во машката селекцијата „Под 18“ години, како и Сашо Пецев, кој ќе биде задолжен за кондициската подготовка, соопшти КФСМ.
Првиот предизвик новиот селектор и неговите соработници ќе го имаат веќе кон крајот на август, на стартот на вториот круг од претквалификациите за Евробаскетот во 2025 година.
Македонските кошаркари и гостуваат на Данска на 25. август, а три денови подоцна во Скопје ќе бидат домаќини на Словачка.
OhridNews