Македонија и натаму се соочува со застрашувачки прилив на бегалци и мигранти кои сакаат да минат низ земјата за да стигнат до засолниште во Германија, Шведска и други земји членки на Европската Унија, соопштуваат од Обединетите нации кои очекуваат во Македонија дневно да пристигаат по 3.000 бегалци, пренесува „Макфакс“.
Повеќе од 50.000 вакви патници се регистрираа во полициската станица во Гевгелија, откако на 18 јуни 2015 година стапија на сила новите измени на Законот за азил и привремена заштита. Со оглед на тоа што многумина се движат на север без да се регистрираат, реалната бројка на пристигнати лица се проценува на над 70.000 за само нешто повеќе од два месеца. Преку 80% од оние кои влегуваат во земјата бегаат од војната во Сирија, фактор што автоматски ги квалификува за меѓународна заштита.
„Предизвикот да се обезбеди соодветно засолниште, здравствена заштита и хуманитарна помош за прилив од ваков обем е огромен, како за националните и за локалните власти, така и за Црвениот крст и другите граѓански организации. Товарот ќе станува сè потежок: врз основа на трендовите во Турција и Грција, Агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР) сега предвидува дека бројот на новопристигнати во земјата наскоро ќе се искачи на 3.000 дневно“, се вели во соопштението на Обединетите нации.
Од ОН велат дека Македонија не треба да се соочува со оваа криза сама, ниту пак да биде принудена да зависи само од сопствените ограничени ресурси. „Системот на Обединетите нации е подготвен да даде натамошна поддршка на овие напори“, пишува во заедничкото соопштение на Обединетите нации за јавноста.
Швајцарија денеска соопшти дека планира да испрати финансиска помош за Македонија, Србија и БиХ за да се реши ситуација со големиот број бегалци кои минуваат низ територијата на овие земји за да стигнат до Европската унија.
Швајцарското министерство за надворешни работи ја потврди информацијата објавена во весникот “NŽ am Zontag” дека Швајцарија планира да им прати помош на балканските земји, пренесува АФП.
Според она што е објавено во швајцарскиот весник, Берн планира да испрати 93.000 евра, но портпаролката на министерството за надворешни работи на Швајцарија, Силвија Милер за агенцијата изјавила дека сумата ќе биде дополнително утврдена.
Швајцарската влада инаку предвидува дека оваа земја со осум милиони жители ќе прими околу 30.000 барања за азил во текот на оваа и наредната година.
Унгарија пак го доврши поставувањето на оградата од бодликава жица која треба да го спречи неконтролираното влегување на илјадници мигранти кои продираат во оваа земја од Србија, соопшти во саботата навечер унгарското министерство за одбрана.
„Два дена пред истекот на рокот на 31-ви август, завршен е првиот дел од оградата на границата“, се истакнува во соопштението.
Сепак, оградата од три редови бодликава жица поставени еден на друг долга 175 километри по должината на границата со Србија не ги спречува бегалците да ја пробијат, извести во својата репортажа AFP овие денови.
Оградата ќе биде дополнета со дрвена бариера висока четири метри, која веќе започна да ја подигнува унгарската војска, се додава во соопштението на министерството за одбрана.
Инаку за целосно да се заврши овој проект на премиерот Виктор Орбан, а потврден со големо мнозинство во унгарскиот парламент на 6-ти јуни, ќе бидат потребни уште неколку месеци.
На поставувањето на оградите против бегалците, какови што Грција, Бугарија и Шпанија веќе имаат на надворешните граници на Европската унија, се спротиставува Србија, којашто претендира да влезе во ЕУ. Меѓутоа, граничните премини кон неа за бегалците ќе останат отворени од унгарска страна, а ќе бидат одредени неколку премини кои ќе служат токму за таа намена.
Министрите за внатрешни работи на Германија, Франција и Велика Британија денеска повикаа на специјален вонреден состанок на 28-те министри од земјите членки на Европската унија за актуелната криза со бегалците, во моментот кога европските престолнини беа вознемирени од новата вест според којашто во обидот да дојде до Грција случајно бил убиен 17-годишен мигрант.
Земјите од Европската унија се соочуваат со приливот на мигранти без преседан од Втората светска војна, а најголемиот дел од нив пристигнуваат од земјите кои се зафатени од долгогодишните војни, како во Сирија, Ирак и Авганистан, како 17-годишниот мигрант кој го загубил животот кај грчкиот остров Сими во неделата.
Грција е под притисок, откако оваа земја со големи економски проблеми, стана главната порта за луѓето кои се обидуваат да стигнат до ЕУ. Седумнаесетгодишниот мигрант загинал откако бил фатен во вкрстен оган при престрелка на грчката погранична патрола на надворешната ЕУ граница и шверцери со луѓе, соопштија грчки функционери.
„Жалам за загубениот живот на младиот човек“, соопшти во писмената изјава заменикот министер за надзор на крајбрежната стража, Христос Зоис.
Инцидентот се случил во близина на грчкиот остров Сими, кога припадници на граничната агенција за штитење на надворешните ЕУ граници Frontex пресретнале вооружени лица како превезуваат група од 60 мигранти со глисери, јави грчката државна телевизија.
„Сите се согласуваме дека повеќе не можеме да губиме време. Ситуацијата налага итана акција и солидарност во рамките на Европа“, изјави денеска во Париз германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезиер.
Тој го повика Луксембург, актуелниот претседавач со ЕУ да закаже состанок во текот на следните две седмици, во заедничката изјава со францускиот министер за внатрешни работи Бернар Казнев и нивната британска колешка Тереза Меј, по нивните заеднички разговори од саботата вечерта.
Инаку, следниот редовен состанок на министрите за внатрешни работи на земјите членки на ЕУ е закажан за 8-ми октомври.
OhridNews
извор:„Макфакс“