Ковид-19 треба да се лекува со холистички пристап, односно наместо лекување на поединечни системи и органи, да се пристапи кон третман на целиот организам, бидејќи специфично за коронавирусот е неговиот интелигентен пристап преку кој ја открива и таргетира генетската слабост на организмот и дава доминантна клиничка манифестација, која кај секој пациент е различна. Затоа, кај ова заболување, е неопходно да се бара и да следи спектарот на симптоми како кај ниту едно друго заболување.

Ова го заклучи д-р Габриела Новотни од Клиниката за неврологија на редовната он-лајн дискусија која ја организираше Лекарската комора, во насока на одржување и поттикнување на комуникацијата меѓу сите нивоа на здравствениот систем, со цел размена на искуства и сознанија во дијагностиката и третманот на пациентите со ковид-19, пренесува МИА. Досега се организирани седум вакви настани, кои се одржуваат секој петок и се отворени за учество на сите членови на Лекарската комора.

Светските статистики покажуваат дека 36 проценти од пациентите со ковид вирусот развиваат и невролошки компликации. Некои компликации се акутни, но некои се јавуваат и две недели по дијагностицирањето и тоа кај пациентите кои првично имале полесни респираторни симптоми. Овие компликации може да бидат многу сериозни, но и тешко препознатливи.

SARS-KoV-2 е респираторен вирус но, за жал, тој не предизвикува само респираторно, туку комплексно мултисистемско заболување. Кога се во прашање невролошките компликации едни од првите симптоми се губење на осетот за мирис, главоболки, но се јавуваат и многу посериозни синдроми, како мозочен удар, енцефалопатии или синдромот на Гилен-Баре. Трудовите проценуваат дека до 36 проценти од лицата заболени од ковид-19 имаат невролошки манифестации. Вирусот, директно напаѓајќи го нервниот систем може да предизвика промени на расположението кај заболените, проблеми со меморијата, проблеми во движењето или когнитивни потешкотии. Вирусот има потенцијал да предизвика респираторна инсуфициенција дури и во услови кога нема сериозен наод на белите дробови. Во фазата на цитоцинска бура може да предизвика мозочен едем, а како компликација се јавуваат и мозочни удари. Јасно е дека невролошките компликации кои ги дава ковид-19 се сериозни. Важно да се препознае дека има невролошко засегање за да може соодветно да се лекува, посочи д-р Новотни.

Од Лекарската комора соопштуваат дека мозочен удар може да биде и иницијална манифестација на ковид-19. Доктор Новотни презентираше случај од Клиниката за неврологија каде бил донесен пациент на 14-годишна возраст кој кого била дијагностицирана церебрална венска тромбоза (мозочен удар) и наод за билатерална пневмонија, типична за ковид-19. Иако не е добиен позитивен наод од тестирање на ковид-19, сепак, со оглед на возраста и здравствената состојба било јасно дека иницијатор е ковид-19. За среќа, лекувањето било успешно.

Ковид-19 може да даде и одложени автоимуни одговори, како последица на молекуларна мимикрија, кои ги предизвикуваат антителата што организмот ги создава како последица на инфекцијата со ковид 19. Трнење на шаките и стапалата и отежнато движење се симптоми кои би можело да упатат на овој тип на компликации.

Сериозни и тешки компликации се и невропсихијатриските, како што се потешкотии при спиењето, несоници, страдање на меморијата, збунетост, намалена функционалност, делириум и психози.

Имаме еден специфичен ковид -19 делириум, состојба во која во период од неколку дена пациентот престанува да зборува и да се движи. Ако оваа манифестација на ковид-19 остане непрепознаена, пациентите може да завршат во психијатриски установи или центри за згрижување, а всушност станува збор за инфекција со ковид-19, објасни д-р Новотни.

Таа го отвори и прашањето кое веќе се дискутира во светот, дека како што по шпанскиот грип се појавила епидемија на енцефалит летаргика, дали можеби и сега ќе се случи нешто слично, односно дали паркинсонизмот, што е главна манифестација на енцефалит летаргика, може да биде третиот бран на ковид-19 пандемија.

Посебен акцент во дискусијата која ја водеше претседателот на Лекарска комора проф. д-р Калина Гривчева Старделова, се стави на потребата од отворање на пост-ковид амбуланти за подолготрајно следење на пациентите инфицирани со SARS-CoV-2, бидејќи компликациите кои може да ги направи вирусот, значително може да го нарушат квалитетот на животот.

OhridNews