18 ученици од Основното музичко училиште „Методи Патче“ од Охрид, минатата недела (од 25 до 28 април) учествуваа на 45-тиот Државен натпревар на ученици и студенти по музика во Битола. Преку 300 кандидати од целата земја ги покажаа своите квалитети во четири категории: пиано, виолина, вилончело и солфеж.

 ОМУ „Методи Патче“ освои 4 први награди, исто толку втори и 5 трети места.

„Задоволни сме од постигнатото иако мислам дека некои ученици од нашето школо можеа подобро да се претстават. Можеби малку тремата им попречи. Жирито беше составено од истакнати педагози, професори по музика кои имаа строг, но реален начин на оценување изведбите.“ вели директорката на училиштето Нина Момировска.


Сите први награди беа во категоријата солфеж, и тоа: Стефани Дудиќ, Миланка Новеска, Петар Паскали и Бојана Михајлоска.

Втори места освоија: Христијан Петрески (солфеж), Ѓорѓи Петроски (виолина), Крстина Шокароска (виолина) и Сара Кескоска (пиано).

Петте трети награди ги зедоа: Христијан Петрески (виолина), Арбен Бајрам (виолина), Филип Баракоски (виолина), Орхан Курто (виолина) и Дејана Цветаноска (виолончело)

На натреварот беа добиени и 5 пофалници, сите за кандидати по пиано: Бојана Михајлоска, Благој Арсовски, Андреј Лаброски, Христина Базгалоска и Јетон Мусли.

Од училиштето уште не` информираат дека веќе почнаа со припреми за традиционалниот годишен концерт во Света Софија кон крајот на месецов. На него ќе учествуваат сите ученици кои добија награди во Битола, а со аудиција ќе се одберат останатите учесници, со други инструменти (нпр. флејта, гитара итн.) кои не беа застапени на натпреварот во Битола.

С. Костоски
фото: А. Ковачески