Поранешниот член на Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, влегува во трката за претседател на Федерацијата, откако вчера Општинскиот фудбалски сојуз на Струмица реши да го кандидира поранешниот фудбалер на Слога Југомагнат и на Вардар за таа функција.

Како што пишува дневиниот весник “Нова Македонија“, Омерагиќ влегува во борбата како делегат од ОФС Струмица, и тоа на местото на Марјан Даскаловски, кој на нотар потпишал оставка од функцијата „пратеник“ на фудбалското собрание. Изборното собрание на ФФМ е закажано за 21 ноември, а според Статутот, најдоцна до 20 дена пред одржувањето, секој ОФС може да даде свој кандидат за нов лидер во македонскиот фудбал.

По кандитатурата на на Омераѓиќ навидум лесната битка на актуелниот претседател Харалампие Хаџи-Ристески со неговиот противкандидат Благоја Николовски, сега ќе стане тројна „војна“ со неизвесен крај, ако се знае дека Омерагиќ вистински ја намачи актуелната власт пред четири години, кога се обиде да ја симне од тронот, но не успеа, зашто неговиот обид беше нелегитимен.

Но, сега, ако УО на ФФМ ја прифати неговата кандидатура, тогаш Омерагиќ одеднаш станува голем противник на Хаџи-Ристески.

Омерагиќ беше лидер на Иницијативниот одбор за промени на ФФМ пред четири години, кога кандидат за претседател беше Емил Божиновски, но нивниот обид за преврат заврши со неуспех, откако ФИФА и УЕФА реагираа на нивниот нелегитимен влез во куќата на фудбалот.

Тогаш работата дојде до суспензија на македонската Федерација, па ФИФА испрати претставник кај премиерот Никола Груевски, по што „иницијаторите“ се повлекоа, а владеењето на Хаџи-Ристески се врати во нормала.

ohridnews