Охридските спортисти Нина Балабан и Јован Јованоски ќе бидат дел од македонската експедиција на младинските Олимписки игри во Нанџинг што ќе се одржат од 16 до 28 август во Кина.

Учеството на Олимписките игри е круна на младинската кариера за велосипедистот Јованоски. Тој на Олимписките игри ќе се натпреварува со неговиот колега Андреј Петровски.

– Ова ќе биде круна на мојата успешна младинска кариера. Имам учествувано на многу натпревари, имам освојувано многу медали, но сонот на секој спортист е да го носи националниот дрес на едни Олимписки игри. За таму имам големи очекувања. Ќе дадам се од себе. Иако велосипедизмот е индивидуален спорт јас со Петровски ќе се натпреваруваме заедно. Пласманот наш ќе зависи од нас двајцата – рече Јованоски.

Епитот млад амбасадор на младинските Олимписки игри и припадна на стрелачката Балабан. Таа со останатите амбасадори од земјите учеснички ќе имаат задача да популаризираат спортот и да ги насочат младите на вистинскиот пат.

– Работата на сите амбасадори е да ги советуваме младите да зачекорат во вистинскиот правец. Исто така ние се ангажираме за популаразијата на спортот и ширење на спортската култура ширум светот. Олимписките игри се врв на еден спортист, а да се биде амбасадор е навистина посебно – потенцираше Балабан.

Македонија на младите Олимписки игри ќе биде преставувана од пет спортисти Јован Јованоски и Андреј Петровски велосипедизам, Ана Иваноска стрелаштво, Стефан Јанкуловски пливање и Елмедин Сејфулау борење.

Мх.П.