Освојувачот на златен медал на Олимписките игри 1984 година во Лос Анџелес во борење слободен стил, Шабан Трстена му се поклони на охриѓанецот Марко Пејчиновски кој на 28 август во еден здив го преплива Охридското езеро. На средбата во Охрид легендарниот борач му подари ранец, маица и тренерки на Марко со мотивирачка порака „Марко и ти можеш да бидеш шампион“.
Во многубројните честитки и пофалби до националниот херој во свој препознатлив стил се приклучи и Трстена. Тој тогаш напиша дека таленти и дечиња како Марко треба да се негуваат и да бидат најголеми репрезенти на нашата држава.
- Кога прочитав дека Марко го препливал Охридското езеро прво не верував, но кога видов дека целата држава е на нозе и го поздравува новиот херој ми стана јасно дека тоа е вистина. Потоа ме зачудија и неговите години, а сега кога го сретнав во Охрид искрено многу му се восхитувам. – изјави Трстена.
Трстена уште во самата објава на социјалните мрежи повика пливачки и стручни пливачки експерти во нашата земја да го преземат Марко под своја закрила и да го негуваат како спортист. Тој и во изјава за Ohrid News го потврди истиот став.
- Марко повеќе не е талент, бидејќи тој направи неверојатен подвиг. Сега му треба стручна екипа која ќе се грижи за неговиот напредок. Токму таа е оската што нам години ни фали во спортот. Од талент до успешен спортист границата е мала, но кај нас е многу голема, бидејќи не се работи стручно со спортисти како Марко. – додаде Трстена.
12-годишниот Марко имаше прием кај претседателот на Македонија Ѓорѓе Иванов, градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски и во уште многу општествено одговорни компании во Охрид. Марко на 28 август за нецели девет часа го преплива Охридското езеро и заслужено го доби епитетот национален херој.
OhridNews