Во сабота на 12 август точно на пладне пред Хотелот Ројал ќе започне првото издание на Олимпискиот пливачки маратон на 10 километри. Организаторите финишираат со подготовките и најавуваат квалитетна и неизвесна трка. Специјални луѓе од Светската пливачка федерација (ФИНА) ќе се грижат за регуларноста и ќе ја оценат трката по завршувањето, што биде од искучително значење за иднината на маратонот.

– Клубот за спортови на вода „Охридски бранови 2008“ и организациониот одбор кој стои зад сето ова со гордост го најавува првото издание на Олимпискиот пливачки маратон на 10 километри во Охридското езеро. Целта или сонот кој го имаме години наназад сите чинители во клубот благодарание на ентузијазмот и нашите гости и пријатели од ФИНА конечно ќе се оствари и Охрид ќе добие пливачки маратон по светски терк. За нашата сериозност говори фактот дека од ФИНА се дојдени седумте најдобри судии кои ќе се грижат за регуларноста на трката и ќе бидат инспекција околу организароноста. Нивните оценки и впечатоци ќе ги проследат до ФИНА која ќе одлучи дали нашиот маратон може да конкурира за понатамошните предизвици кои следуваат во пливањето на отворено. – рече првиот човек на организациониот одбор, Др. Сашо Точков.

Вкупно 13 пливачи ќе ги разбрануваат водите на Охридското езеро. Десет од нив се во машка конкуренција, додека три ќе се борат за првата позиција во женска конкуренција.

– Конкуренцијата е голема и очекува неизвесна трка од почеток до крај. Како што најавиваме претходно маратонот ќе се плива кружно, односно еден круг ќе биде 1 километар, а пливачите ќе треба да испливаат 10 кругови. Стартот на маратонот во машка конкуренција ќе го означи Претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Васил Тупурковски и врховниот судија Анка Козамерник од Словенија. Најголем акцент по препораките од ФИНА по техничкиот состанок ќе ставиме на безбедноста и условите на патеката, бидејќи здравјето на пливачите ни е најважно. – додаде Точков.

Преставникот на ФИНА, Игор Величковиќ се израдувал кога еден од иницијаторите на маратонот, Александар Маленко го побарал за помош и соработка околу маратонот.

– Многу се израдував кога Александар Маленко ми се јави и ми ја престави идејата во Охрид да се организира десеткилометарски маратон. Одма прифатив, но му напоменав дека сакам сериозност и професионалост и долгорочен план, односно ова да стане традиција. Стапив во контакт со ФИНА и им кажав дека организаторите се искусни луѓе и големи вљубеници во пливањето, а Охридското езеро е најдоброто кое сум го видел. – истакна Величковиќ.

Тој додаде дека Охрид има големи предиспозиции, но и голема конкуренција во добивањето на довербата од ФИНА во маратоните во Сетубал (Поргугалија) и Будимпешта (Унгарија). – Годинешниот маратон ќе биде на тест пред ФИНА, што значи од овој маратон зависи иднината, затоа ги поканувам сите кои можат да помогнат да дојдат и да му дадат поддршка на пливачите. Во маратоните во Сетубал и во Будимпешта имаме два квалитетни противници за влез во календарот на ФИНА за светските натпревари и олимписките квалификации. Охрид има голема предност пред другите поради водата во езерото кое идеална за одржување на маратонски трки. Исто така во прилог оди и местото на одржување, бидејќи ќе биде достапно за сите да гледаат и уживаат. 

Врховниот судија на маратонот, Анка Козамерник имаше кратко обраќање на пресконференцијата и рече дека е задоволна како течат подготовките.

– Со задоволството ја прифатив поканата од организаторите и после првчните состаноци воопшто не се сомневам во успешноста на овој маратон. До сега се е во најдобар ред, се надевам дека така и ќе продолжи. На домаќините им посакувам добра организација, а на пливачите добро здравје и мирна вода. – изјаци Козамерник.

На стартот од маратонот ќе се појават четири македонски пливачи во машка конкуренција Андреј Стојаноски, Александар Илиевски, Илија Стојановски и охриѓанецот Милан Китевски. Натпреварувачи има од Бугарија, Србија, Холандија и Аргентина.

Михаил Постоловски