Министерството за образование и наука донесе нови правила, по кои наместо со предвидените 20 диференцијални испити ќе се полагаат само 5 диференцијални испити. Потоа ќе продолжат да се полагаат испитите од четвртата година на средното стручно образование, соопшти на денешната прес конференција, Министерот Никола Тодоров.

„Досега за проодноста од тригодишно во четиригодишно средно стручно беше потребно полагање на 20 диференцијални испити, и ова значително ги демотивираше сите оние кои сакаа да го продолжат своето образование, и да завршат четири годишно средно образование, што понатаму им овозможува и продолжување на нивното образование со високо образование,“ рече Тодоров.  Тој истакна дека петте испити се поделени на две групи, на општо образовни и стручни испити. Од општо образовните испити ќе се полагаат странски јазик, математика и информатика, а од стручните испити ќе се полагаат соодветните стручни испити кои се определени од Центарот за стручно образование.

Од Министерството велат дека овие активности се дел од стратегијата за зголемување на образовното ниво и намалување на процентот на невработеност во Македонија.

Ohridnews
извор: Makfaks