Олдтајмери од Западна Европа и регионот од 27-ми септември до 3-ти октомври ќе бидат дел од меѓународно рели од премиум ранг што ќе се вози низ државава и ќе се промовира винскиот туризам.

Директорката на Агенцијата за промоција и подршка на туризмот Билјана Стефаноска денеска оствари средба со Благоја Петровски и Игор Стефановски од клубот „Бахус Класик“ од Скопје, организатори на овој настан.

Проектот ќе ги презентира македонските културни знаменитости, традиционалната храна и вината. Организаторите имаат цел да направат седумдневно рели со возење и дегустирање на познатите македонски вина низ Скопје, Повардарието, Хераклеа, Охрид и Бигорскиот манастир, велат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ).

Директорката Стефаноска ја поддржа идејата на проект кој има за цел да го прикаже сето она што е специфично за нашата земја почнувајќи од виното и храната до историските знаменитости.

Средбата беше насочена кон постигнатите резултати, како и кон следните чекори за имплементација на проектот и развојот на туризмот, додаваат од АППТ.

OhridNews