Премиерот Димитар Ковачевски утрово го пречека со највисоки државни и воени почести германскиот канцелар Олаф Шолц, кој е во еднодневна официјална посета на С Македонија.

Претходно на аеродромот во Скопје германскиот канцелар го пречека министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Во делегацијата на канцеларот Шолц се највисоките државни советници на надворешна и безбедносна политика, за економија и финансии, за европска политика, како и новоизбраниот специјален пратеник на Сојузната Влада на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин.

Според агендата за официјалната посета на канцеларот Олаф Шолц, веднаш после церемонијата на пречекот е предвидена тет-а-тет средба со премиерот Ковачевски, по што ќе следува билатералната средба на членовите на двете делегации.

Официјалната посета на канцеларот Шолц ќе заврши со заедничка прес-конференција со претседателот на Владата Димитар Ковачевски.

Шолц во Скопје доаѓа по неговата посета на Приштина и Белград, во рамки на дводневната посета на регионот.

По посетата на Скопје, германскиот канцелар заминува за Софија, на средби со бугарскиот државен врв.

OhridNews