Од денеска граѓаните ќе можат да се движат без маски на отворено, ќе се дозволи организирање свадби, прослави, веселби на отворен простор/летни тераси до максимум 100 лица, а ќе биде дозволено и присуство на публика на спортски натпревари што се одржуваат на отворено до 30 проценти од вкупниот капацитет на посетители.
Ова се дел од препораките на Комисијата за заразни болести за олабавување на мерките, кои вчера беа прифатени од Главниот координативен Ковид-19 кризен штаб на Владата. Тие треба да важат од денеска. Владината прес-служба соопшти дека Штабот ги разгледал и потврдил препораките на Комисијата и ги предлага на конечно усвојување на денешната Владина седница.
За олабавување на сегашните рестриктивни мерки, предложени се седум препораки – укинување на мерката носење заштитна маска на отворено со препорака за носење маска кога лицата се во поголема група. Останува на важност мерката за задолжително носење заштитна маска во јавен превоз, такси-превоз и во сите затворени простори.
Натаму, присуство на публика на спортски натпревари што се одржуваат на отворено до 30 проценти од вкупниот капацитет на посетители, со задолжително почитување растојание помеѓу посетителите од 1,5- до 2 метра (три седишта) и со доследно применување на мерките за заштита од Ковид-19. Се укинува мерката за забрана за групирање на јавен простор на не повеќе од четири лица.
Се дозволува организирање свадби, прослави, веселби на отворен простор/летни тераси до максимум 100 лица, но не повеќе од 50 проценти од капацитетот на просторот и до максимум шест лица на маса со обезбедување на препорачаната дистанца помеѓу нив. Присуство на музичари е дозволено само при организирање свадби, а согласно соодветен протокол.
Се зголемува бројот на лица на една маса во угостителските објекти од четири лица на шест лица со обезбедување на препорачаната дистанца помеѓу лицата на масата, а се препорачува укинување на мерката за работа во смени и од далечина.
Продолжува да важи мерката за полициски час до 15 јуни 2021 година.
Здравствените власти посочија дека епидемијата спласнува, но апелираше до граѓаните да останат внимателни, да држат дистанца, да не се групираат и да носат заштитна маска секаде каде е потребно.
OhridNews