Засега непознат(и) сторител(и), насилно, со кршење на катинарот и бравата на влезната врата, влегле во црквата Св. Димитрија во струшкото село Октиси. Оттаму однеле поголемо количество богатство, најверојатно злато, кое наводно било скриено во грниња во темелите на црквата.

Кражбата била забележана во вторникот. Веднаш била повикана полиција која извршила увид на местото на настанот. Селаните претпоставуваат дека кражбата ја извршиле диви копачи на злато.

„Најверојатно кражбата е направена ноќе и во време на врнежи од дожд, термин погоден за дивите копачи кои за кратко време, три четири часа ја ископале дупката и го зеле богатството – златото“ ни изјави Гоце Главинчески, кој по пријавата од соселаните муслимани прв пристигнал на местото на настанот.

Крадците – копачи точно знаеле што прават и каде копаат. Селаните очевидци велат дека пронашле парче злато кое веројатно било дел од некој поголем златен предмет (крст или слично) отпаднато при копањето – „некој удрил со копачот директно во закопан златен предмет“ велат сведоци.

Додека ја разгледувавме ископаната дупка (отприлика 2,5 на 1,5 метри и длабока 1 метар) низ разговор можеше да се слушне дека вакво нешто е можно само со помош на мапа, како во елдорадо филмовите. Оние кои го сториле ова се претпоставува имале и апарати за откривање метал под земја.

Селаните велат дека не знаеле што се крие во црквата Св. Димитрија, која е изградена во 1925 година врз темелите на старата манастирска црква, во близината на село Октиси.  Тие забележале непознати лица кои се интересирале за црквата, но не претпоставувале и сеуште не се сигурни дали се тие дивите копачи – крадци!


Парчиња од искршени грниња

Што и како дивите копачи однеле од црквата Св. Димитрија засега е тајна.
МВР трага по сторителите, но нема индиции што точно е украдено од црквата.

Селаните претпоставуваат дека се украдени повеќе грниња со златни предмети,  бидејќи на местото каде што била ископана дупката останале остатоци од искршените грниња.

Г. Момироски, С. Костоски